„Ајде да читаме и да раскажуваме заедно“ е мотото на читателската работилница наменета за деца од предучилишна и училишна возраст, која наскоро ќе биде реализирана во домот на културата „25 Мај“ во Валандово.
Работилницата опфаќа читање митови, сказни и народни приказни, интерактивна комуникација меѓу децата и реализаторот на програмата, проверка и помош за зголемување на капацитетските способности за апсорбирање и перципирање и вежби за збогатување на креативната имагинација кај децата.

Реализатор на програмата е Станка Бајлозова, одговорна за драмска и издавачка дејност во домот на културата „25 Мај“ во Валандово.

– Се радувам на уште една едукативна средба со децата од Валандово во рамките на читателската работилница или часови по читање, кои наскоро ќе ги одржам во домот на културата. На овие часови ќе работам со деца од предучилишна и училишна возраст. А причината поради која се одлучив на овој чекор е тоа што денешните деца многу време поминуваат пред компјутерите и занимавајќи се со паметните телефони, а многу малку време одделуваат за читање книги. Тоа беше мојата инспирација да почнам да работам на еден ваков проект. Негова цел е барем за кратко да го привлече вниманието на децата од делириумските својства на денешната технологија и уште од најрана возраст да ја развие свеста за читањето кај нив. Ќе работиме народни приказни, сказни, митови… Ќе вежбаме на нивните перцепциски способности и ќе се трудам постојано да ја зголемувам нивната желба за континуирано читање. Проектот наскоро ќе заживее и се надевам дека ќе предизвика голем интерес кај децата од Валандово – ни рече Станка Бајлозова.

Пријавувањето за учество сѐ уште трае во домот на културата во овој град.