Идејата шахот да биде застапен на ЛОИ е за поздравување, а сето тоа пред сѐ се должи на големата експанзија на шаховската игра во западниот свет, каде што таа станува многу популарна, смета велемајсторот Влатко Богдановски
Почна кампањата за шахот да се вклучи како спорт на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз 2024 година, а официјалната промоција веќе се одржа во вторникот во Париз, во присуство на новиот претседател на Светската шаховска федерација (ФИДЕ), Русинот Аркадиј Дворкович и членовите на Шаховската федерација на Франција. Од ФИДЕ објавија дека одлучиле да го номинираат шахот како „дополнителен или демонстрациски спорт“ за ЛОИ 2024.
– Самото котирање на шахот и целата таа идеја да биде застапен на ЛОИ е за поздравување. А сето ова, пред сѐ, се должи на големата експанзија на шаховската игра во западниот свет, каде што таа станува многу популарна, за разлика, пак, од источните земји каде што денес се бележи стагнација. Полска, Франција, Шпанија, Италија бележат евидентен напредок во развојот и во популарноста на шахот, во секој град, село, имаат развиена шаховска инфраструктура, турнири, медиумска застапеност и слично, што не е случај со источните земји. Романија е на истото рамниште како некогаш, додека земјите околу Македонија, како што се Србија, Бугарија и други, неколкукратно заостануваат од нивниот поранешен третман и степен на шаховски развој – вели македонскиот велемајстор (ВМ) Влатко Богдановски.
На ЛОИ 2020 ќе бидат вклучени пет нови спорта (сурфање на бранови, карате, скејтборд, бејзбол и качување на вештачка карпа). Во Париз може да бидат вклучи сите пет нови спорта или, пак, да бидат предложени само како демонстрациски.
На 2 октомври 2018 година францускиот директор за спорт, Жан-Филип Гатиен, истакнал дека за ЛОИ 2024 шахот мора да исполни два критериума ако сака да биде кандидат, а тоа се да има традиција во Франција и да биде привлечен за младите во Франција.
– Искрено верувам дека шахот ги исполнува овие два услова. Ова е вистинска можност да го предложиме, а успехот на нашата иницијатива во голема мера ќе зависи од мобилизацијата што ќе ја организираме на теренот со милионите шахисти, кои ќе ни помагаат – смета претседателот на Шаховската федерација на Франција, Бахар Куатли.
ФИДЕ е една од најголемите светски спортски организации, во која членуваат 189 шаховски федерации. Отсекогаш постоела силна опозиција во ИОК, а шахот никогаш немал сериозна можност да биде дел од ЛОИ. Најблиску бил во 2000 година, една година откако ИОК го препозна шахот како спорт. На ЛОИ 2000 велемајсторите Вишванатан Ананд и Алексеј Широв одиграле неколку партии како дел од настан на ЛОИ. Но барањето за вклучување на шахот на ЛОИ 2020, било одбиено. Конечната одлука дали шахот ќе биде дел од Игрите во Париз најверојатно нема да се случи пред крајот на ЛОИ во Токио.