Вечерва, од 20 часот, во кафулето „Котур“ ќе може да се погледне избор на кратките филмови од еден од најплодните македонски современи режисери Игор Иванов-Изи.
Ќе бидат прикажани следните филмови: „Ќебето на Ацо Шопов“, „Часовникот“, „Бубачки“, „Верувам во љубовта“ и „Љубовникот“. По проекцијата, публиката ќе има можност да му постави прашања на режисерот, кој ќе биде присутен на самите проекции. Влезот е бесплатен. „Ќебето на Ацо Шопов“, 1996 г., е краткометражен филм во режија на Изи, во соработка со Драган Абјаниќ, Бранд Ферро и култната македонска хипхоп-формација „Чиста околина“. „Часовник“ е филм за клаустрофобичната немоќ за комуникација со надворешниот свет.
Награден е за најдобар краток филм на конкурсот на Советот на Европа во 1997 година. „Бубачки“ е приказна за аутистично момче што живее во сопствен свет, заштитен од очајната реалност и од дезинтеграцијата на неговото семејство. И покрај тоа, реалноста продира во неговиот свет и го уништува. Петар се одмаздува. „Верувам во љубовта“ е филм за улиците во ромските маала, кои се полни со живот, а зад затворените врати на трошните домови владее сурово насилство. Ова е филм за жени-жртви на сопствената љубов, изопаченото сфаќање на традицијата и бракот.
„Љубовникот“ е насловот на нoвиот краткометражен филм по сценарио и во режија на Игор Иванов-Изи. Она што е специфично е дека е снимен во манирот на старите неми филмови од 1930-тите години. Филмот е во продукција на „Скопје филм студио“, а е поддржан од Агенцијата за филм на РМ.