Вистина е дека последниве неколку години, државните музеи почнаа да ја порамнуваат родовата нерамнотежа во нивните колекции. Кога „Тејт модерн“ го отвори своето големо продолжено крило во 2006 година, директорот Францис Морис посвети половина од новиот галериски простор за жените уметници, покачувајќи го процентот на изложеност низ музејот од 17 отсто на 36 отсто

Галериите конечно почнаа да изложуваат дела изработени од жени – но дали тие ќе останат на ѕидовите откако трендот за репрезентација ќе помине. Наша работа е да го потврдиме тоа. На површина, изгледа дека 2018 година беше добра година за жените уметници. Музеите и галериите низ целото Обединето Кралство поставија изложби на историски и современи жени уметници, со настани што прославуваа 100 години откако Британките се избориле за право на глас. Но сега кога тоа знаме е спуштено и појасите на жените што се бореле за право на глас се отстранети, ќе добијат ли жените празен простор на ѕидовите во државните музеи? Дали тие се тука за да останат или ќе направат пат за следниот тренд?

Вистина е дека последниве неколку години, државните музеи почнаа да ја порамнуваат родовата нерамнотежа во нивните колекции. Кога „Тејт модерн“ го отвори своето големо продолжено крило во 2006 година, директорот Францис Морис посвети половина од новиот галериски простор за жените уметници, покачувајќи го процентот на изложеност низ музејот од 17 отсто на 36 отсто. Во 2020 година, Националната галерија ќе ја одржи својата прва самостојна изложба на историската уметница од 17 век, италијанската барокна сликарка Артемисија Џентилески. Но има уште долг пат да се изоди. Кога Националната галерија го доби автопортретот на Џентилески минатата година, бројот на дела од жени уметници порасна од 23 на 24 – од вкупно повеќе од 2.300 дела во архивата.

Не станува збор за недостиг од жени уметници – се појавиле стотици во последните неколку века. Но без разлика на нивното влијание додека биле живи, по нивната смрт тие се заборавени затоа што музеите не сметале дека е потребно да се собираат нивните дела. Како резултат на невидливоста во музеите, тие не се продаваат успешно на пазарот. А како резултат, пак, на тоа, музеите не сакаат да ги стават во своите колекции, што прераснува во волшебен круг на одбивање. Како да се излезе од оваа ситуација? Не зависи само од директорите на музеите и кураторите, туку и од публиката што оди во музеи.

За разлика од другиот дел во Европа и во Соединетите Американски Држави, Британците имаат бесплатен пристап до постојаните колекции. Последнава деценија јавната потрошувачка за музеи се спуштила за 13 отсто, од 820 милиони фунти во 2007 година, на 720 милиони фунти во 2017 година. Па затоа тие ги држат своите врати отворени, салите зависат од заработувачката постигната за време на привремените изложби. А музеите одбираат да играат на безбедно, организирајќи настани за кои мислат дека ќе бидат популарни и профитабилни. А кој може да ги обвини? Музеите се наоѓаат во реципрочна врска со јавноста и целат кон тоа да ѝ го понудат она што таа го сака. За таа цел, многу изложби се фокусираат на мала група уметници, честопати со слаби теми. Примери од 2018 година се: „Импресионисти во Лондон“ на музејот „Тејт Британ“, „Моне и архитектурата“ на Националната галерија и „Вистлер и природата“ на Фицвилијам. Вакви блокбастер-изложби гарантираат посетеност. Помалку познати автори – не.

Минатото лето, „Тејт модерн“ одржа две паралелни изложби; „Пикасо 1932: Љубов, слава, трагедија“, која опфати една година од креативноста на уметникот во неговиот живот, привлече 521.080 посетители, додека, пак, ретроспективната изложба, која ја покри шестдецениска кариера на современата американска уметница Џоан Џонас, привлече само 47.876 посетители. Голема штета е што не дојдоа повеќе луѓе, но оние што ја посетиле изложбата имале можност да откријат еден иновативен и значаен уметник, пионер во развојот на формите на видеото и перформансите.

Точно е дека две од најпопуларните изложби минатата година беа на женски артисти: Ани Алберс во „Тејт модерн“ и Фрида Кало: „Мејкинг хр селф ап“ во музејот „Викторија и Алберт“. И едни меѓу најочекуваните настани се ретроспективната изложба на Дора Мар и на Доротеа Тенинг во „Тејт модерн“, како и изложбата на Ли Креснер во „Барбикан“. Но освен што се жени, овие уметници имаат уште нешто заедничко: сите тие биле сопруги или девојки на познати уметници мажи како Пикасо и Џексон Полок. Иако можеби сега Кало е попопуларна од нејзиниот сопруг, Диего Ривера, најраниот интерес за нејзините дела се појавил токму поради тоа. Еден наслов во весник од 1933 година вели: „Жената на мајсторот – сликар на мурали започнува да се занимава со уметност“.

Се разбира, нашиот интерес за овие жени не се основа само на љубопитноста за нивниот љубовен живот. Имаме подлабока почит за уметност и уметници со кои сме повеќе запознаени, па не е изненадување што нашиот интерес за жени уметници се зголемува откако ќе научиме повеќе за нивните биографии и контекст.

Но за да се осигуриме дека идните генерации ќе се запознаат со повеќе жени уметници, мора да бидеме похрабри со изложбите што ги посетуваме сега. Мора да покажеме дека изложби на помалку познати жени уметници можат да бидат организирани и без да се наруши финансиското здравје на јавните музеи. Мора ние да им помогнеме на институциите за тие да ни помогнат нам, за нашите деца и внуци да наследат пополна, порепрезентативна, женска уметничка историја.