Оној што ќе се смести (или ќе биде сместен-сместена) во претседателскиот кабинет ќе наиде на една руинирана, обезвреднета државна позиција, донесена до дното на своето значење. Тешко дека ќе може нешто да исправи, да се подигне на повисоко рамниште. Практиката ни покажа дека претседателот на Владата и претседателот на Собранието (без разлика кои личности ќе бидат на тие позиции по наредните собраниски избори) во секое време, употребувајќи креативни решенија, може да го сведат претседателот на државата на безгласна буква, како што се направи со Иванов. Еднаш стореното, лесно се повторува по потреба
Расте политичко-медиумската температура околу изборот на првиот претседател на Република Северна Македонија, тоа ќе биде називот на функцијата. Наредниве денови ќе се знаат главните конкуренти што ќе истрчаат на изборната сцена за добивање на формално највисоката функција во државата. Колку-толку беше таква до неколку години од мандатот на Ѓорге Иванов, кога таа и формално и практично падна на најниски гранки, не вредеше ни пет пари.
Овој избор го следат неколку карактеристики. Се гласа за прв претседател на државата со новото име, со новото уставно уредување, со новиот бинационален општествен систем. Иванов, чиј мандат траеше десет години, ќе биде впишан во историјата нумерички како последниот претседател на Република Македонија. Ефектот ќе му остане контроверзен, како и тој самиот. За едни спорен, за други неспорен, општо дискутабилен. Кај едни ќе остане запомнет како македонски националист, во негативна смисла, кај други како вистински заштитник на македонските национални интереси, во позитивна. Првиот на Северна Македонија по силата на нештата ќе мора да биде интернационалист, имајќи ги во вид задачите поврзани со членството во НАТО и во Европската Унија. Значи, по својата стратегиска политика и по своите определувања драстично ќе се разликува од минатите 29 години. Што и да направи, дури и ништо да не направи, во аналите ќе биде запишан како прв претседател на Северна Македонија, како Ченто на асномска и Киро Глигоров на самостојна, суверена Република Македонија.
На тој што ќе дојде нема да му биде лесно. Во сегашната политичка организациска поставеност, во строго октроирана партиска, а најмалку граѓанска држава, со очигледните уставни, законски и системски недоречености, нејаснотии и толкувања околу неговите права и надлежности, тешко дека ќе може да ја оствари општопосакуваната желба Македонија еднаш, конечно, да добие некој т.н. татко на нацијата. Самата промена на името внесе нова делба во македонското општество, делба не меѓу Запад и Исток, како што притиска да прикаже официјалната пропаганда, туку делба околу идентитетот и македонската национална загрозеност во сопствената земја, што не е пропаганда туку реалност на терен. Во констелациите што ќе се одвиваат, во тековната реализација на договорите со Бугарија и Грција ќе биде речиси невозможно да балансира меѓу потребите за заштита на македонизмот и спротивните барања на соседните држави, како услови за прием во Унијата.
Друга крупна новина во вршењето на неговата функција е што тој (таа) ќе биде и првиот што во вршењето на функцијата ќе го употребува и вториот официјален службен јазик на државата. Не ќе може да побегне од законските обврски сите одлуки, соопштенија, решенија да ги издава двојазично, на македонски и албански јазик, она што не можеше да го смисли Иванов, па дури и другите пред него. Засега да ги оставиме настрана можните неочекувани проблеми и недоразбирања што ќе произлегуваат од споменатите договори и од употребата на албанскиот јазик, но не смеат да се потценат и изненадувачките отпори и инциденти, кои може да се претпостават и насетат.
На новиот претседател нема да му биде лесно. Во сегашната политичка организациска поставеност, во строго октроирана партиска, а најмалку граѓанска држава, со очигледните уставни, законски и системски недоречености, нејаснотии и толкувања околу неговите права и надлежности, тешко дека ќе може да ја оствари општопосакуваната желба Македонија еднаш, конечно, да добие некој т.н. татко на нацијата
Оној што ќе се смести (или ќе биде сместен-сместена) во претседателскиот кабинет ќе наиде на една руинирана, обезвреднета државна позиција, донесена до дното на своето значење. Тешко дека ќе може нешто да исправи, да подигне на повисоко рамниште. Практиката ни покажа дека претседателот на Владата и претседателот на Собранието (без разлика кои личности ќе бидат на тие позиции по наредните собраниски избори) во секое време, употребувајќи креативни решенија, може да го сведат претседателот на државата на безгласна буква, како што се направи со Иванов. Еднаш стореното, лесно се повторува по потреба.
Никој не може да му гарантира дека ќе биде поинаку, дека ќе биде самостоен, дека ќе може да биде будно око за каква-таква контрола врз работата на Владата или да му се спротивстави на владејачкото мнозинство во Собранието. Уште помалку може да се очекува дека ќе биде натпартиски претседател и претседател на сите граѓани. Нему (нејзе) најверојатно функцијата ќе му биде сведена на церемонијалност да прима и испраќа високи гости и да дели ордени или редовни помилувања. Во негово име ќе решаваат значајните две-три партии, тој, сакал-нејќел, само ќе потпишува.
Кон таков заклучок упатуваат неколку индиции. Искуството ни покажува дека сите досегашни претседатели секогаш биле исцело на страната на партијата што ги предлагала, односно чии членови биле. Нема никаква причина да се верува дека би се променило нешто во тој однос, таков пресврт не би си дозволиле самите партии. Другиот видлив индикатор може да се забележи во објавите (јавните повици) за истакнување на претседателската кандидатура. Двете водечки македонски партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, од кандидатите бараат да бидат нивни симпатизери и да бидат личности што на најдобар начин ќе ја оживотворуваат политиката на партијата. Се бара точно таква лојалност, која однапред навестува, дури и наредува, партиска едностранчивост.
Самиот овој услов, самиот критериум за кандидатура, однапред го определува профилот на кандидатот, а избраниот претседател го става во лимитирана позиција за самостојно дејствување. Преку овој критериум уште сега се најавува дека како што беше седнат Иванов во скутот на Груевски, новиот ќе биде во челичната прегратка или на Заев или на Мицковски или на некоја друга претпоставена личност, која во тој петгодишен мандат на претседателот би била на чело на Владата или на партијата. Во другото да не се меша.
Во меѓувреме, сегашната владејачка партија и премиерот Зоран Заев, кај кого сега се и славата и силата, стапот и морковот, сигурно ќе избере свои луѓе во составите на сите институции каде што претседателот има надлежности и ингеренции, како што се армијата, Советот за безбедност, Агенцијата за разузнавање и слично, со што на новиот претседател однапред ќе му бидат врзани рацете.
Од друга страна, самите партиски повици ги разоткриваат и ги вадат на површина состојбите во врвовите на партиите и ја покажуваат кризата во водењето на нивната кадровска политика. Станува јасно дека во двете партии има повеќемина што покажуваат претседателски апетити, но најверојатно ниту еден не се истакнува за изразит фаворит, ниту, пак, му се допаѓа на лидерот. Сето тоа придонесува за внатрешна нервоза, за потајни делби, формирање кланови што водат кон влошување на меѓучовечките односи и од чии судири партиите носат потрајни последици. Уште поголеми бранувања предизвикуваат фаворизираните непартиски пријавени кандидати, за кои се претпоставува дека им е дошепнато од врвот да учествуваат на повикот. Непартискиот избор, по правило, создава нов партиски раскол и воспоставува нов однос и распоред на силите на штета на оние што многу вложиле, а ништо од очекуваното не добиле. Обратната страна на медалот ни покажува дека и двете партии не водат грижа за спроведување осмислена кадровска политика или, пак, немаат личности со високи политички и интелектуални капацитети. Освен лидерот, речиси не градат и не создаваат личности што постепено и низ разни форми и настапи ќе стекнуваат доверба кај гласачкото тело и граѓаните, така што, во крајна линија, се доведуваат во ситуација да немаат избор, да имаат лош избор или да изберат непартиско лице.
Во овој контекст треба да се набљудуваат и идеите и иницијативите за консензуален кандидат што во македонски превод и во овој случај значи договор меѓу една македонска и една албанска партија, односно меѓу СДСМ и ДУИ. Идејата секако дека се совпаѓа со новите анационални процеси во Македонија и со стратегијата за обезличување на македонските партии, а јакнење на значењето на албанските. Држи објаснувањето дека македонското општество сѐ уште не стигнало до тој степен на демократски развој во кој македонската мнозинска страна би прифатила да биде изманипулирана и да се чувствува оштетено. Консензуалниот кандидат, наместо да донесе братство и единство меѓу Македонците и Албанците, може да предизвикува нови недоразбирања. Односите меѓу двете партии денес се можеби љубовно идеални, но не треба да се испушти од вид дека интересите на двете партии нѐ секогаш се совпаѓаат или ќе се совпаѓаат во иднина. Плус така избраниот претседател не би му служел само на еден, туку на двајца господари што ќе полагаат еднакво право да менаџираат со него. И колку може да му се верува на Али Ахмети, кога неговата партија не го признаваше легитимитетот на претседателот на државата, а лесно им го сврте грбот и на Бранко Црвенковски и на Никола Груевски.