Работниците од Кинеската компанија „Синохидро“- главен изведувач на работите на автопатот Кичево-Охрид, со традиционална свеченост ја пречекаа Новата 2019 година- година на свињата. Бидејќи имаше многу работници кои беа во родната земја не беше организиран традиционалниот огномет, како претходните години.

Вработените во „Синохидро“ во убаво украсените простории и со богата трпеза, на која доминираше традиционалната кинеска храна, збогатена со многу овошје, зеленчук, пикантни јадења како кинески лути колбаси, јагнешко во мед, печена риба, пилешко печено, неизбежниот ориз, кифлички полнети со мелено месо и многу други специјалитети. За цело време на ТВ екраните се следеше новогодишната програма емитувана од родната земја.

-И покрај тоа што одморот на добар дел од нашите работници се поклопи со Новата година и тие се наоѓаат во родната земја, сепак ние преостанатите работници свечено ја пречекавме Новата година. Иако сме далеку од родната Кина, сепак заедничката дружба, традиционалните јадења и програмата што ја следиме од нашата земја, барем накратко ни овозможуваат да имаме чувство како да сме меѓу своите. Годината на свињата носи љубов, среќа и оптимизам. Свињата е последниот знак од нашиот хороскоп и е погодна за инвестиции, зголемување на финансиите како и успех на деловен план. Инаку годината на свињата според нашата Нова година започнува на 5 февруари и ќе трае до 24 јануари 2020 година- вели Ше Хуанмин, одговорен за добрата храна за највеселата ноќ.

Инаку, додава Ше, претежно храната за највеселата ноќ се подготвува во домот и не се набавува од ресторани, како што е на пример, традиционалниот новогодишен специјалитет Јиаози или кинески кнедли.

Деновиве работниците од оваа компанија беа ангажирани во набавка на што повеќе свежи намирници, како би можеле најподготвени да ја пречекаат највеселата ноќ во годината, што за кинескиот народ во целост е посебен ден.

З.А.