Австриската асоцијација на инженери и архитекти го додели признанието Голем Златен Медал на Честа (Great Gold Medal of Honour) на проф. д-р Милорад Јовановски од Градежниот факултет при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј” за неговиот исклучителен научен и практичен долгогодишен придонес во развојот на инженерската геологија и геотехниката.
Доделувањето се случи на 31 јануари 2019 година на свеченото отварање на VÖBU FAIR – најголемиот геотехнички саем во Виена, Австрија, односно на 12-тата Австриска геотехничка конференција, посветена на „таткото” на современата механика на почви Карл Терцаги.
Признанието претставува највисока награда на Австриската асоцијација, а е многу значајно од причина што досега е доделено само три пати во нејзиното постоење. Прв пат во 1995, потоа во 2011 и оваа година го добива македонскиот професор Јовановски.
Тоа е резултат на долгогодишната соработка меѓу Универзитетот „Св.Кирил и Методиј” и Технолошкиот Универзитет од Виена. Оваа соработка досега резултира со голем број активности помеѓу Република Македонија и Република Австрија на ниво науката, високото образование и инженерството.
Тука може да се истакнат неколку моменти како: доделување на почесен докторат на науки (doctor honoris causa) и Орден на заслуги за Република Македонија на Др. Ото фон Хазбург, потоа доделување на почесен докторат на науки и Медал на честа за Македонија на Проф. др Хајнц Брандл, потпишување на Меморандум за соработка на помеѓу Австриската асоцијација на инженери и архитекти и Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Македонија. Врв на сите активности беше одржување на многу ценетата 16-та Европска Подунавска конференција за геотехничко инженерство во јуни 2018 година во Скопје.
Во сите овие активности низа години активен промотор е проф. д-р Милорад Јовановски за што и го добива ова ретко и престижно признание.