Кризата во Венецуела и конфронтациите на светските лидери околу земјата започнуваат да наликуваат како од времето на Студената војна: Кремељ јавно го подржува венецуелскиот претседател Николас Мадуро, додека Вашингтон на чело со Трамп му изрази поддршка на самопрогласениот времен претседател Хуан Гуаидо, велат од Си-ен-ен.
Целата ситуација на прв поглед ги има сите елементи кои ги имаа и судирите од времето на Студената војна на САД и Русија. Во изминатиот период, се јавуваат и шпекулации и за руски воени платеници кои влегуваат во Венецуела, таен транспорт на злато, па дури и заговори за атентат на високи венецуелски државници.
Во интервју за руската државна информативна агенција РИА-Новости, Николас Мадуро се нарече себеси „модерниот“ Фидел Кастро, со што алудираше на тоа дека САД испратиле агенти за да го ликвидираат.
– Без двоумење Доналд Трамп има дадено наредба да бидам убиен. Тој ѝ рече на колумбиската Влада и мафија да ме ликвидираат – изјави Мадуро.
Теориите на заговор на Мадуро и неговите изјави за давањето на отпор на американскиот неоколонијализам, според Си-ен-ен, силно потсеќаат на Студената војна и одмерувањето на САД и СССР во Латинска Америка. Но, денес Русија не ја поддржува владата во Венецуела поради идеолошки причини, туку чисто поради бизнис интересите и можностите за заработка. Во таа насока, руската државна нафтена компанија „Роснефт“ е силен поддржувач на владата на Мадуро, а токму „Роснефт“ и Русија имаат овозможено милијарди долари во кредити како помош за економијата во Венецуела.
Венецуелската државна нафтена компанија „ПДВСА“ ги покрива сите руски долгови со испорачка на нафта. Според истражувањата на Си-ен-ен, Венецуела се потпира на „Роснефт“ за средства за испорачка на нафта во иднина.
Но, освен економските интереси, конфликтот има и геополитички димензии. Останувањето на власт на Мадуро е во силен интерес на Русија поради повеќе причини. Си-ен-ен појаснува дека руската државна телевизија во изминатиот период Гуаидо го претставува и споредува со украинскиот лидер Маидан или со Арапската пролет и револуција која го собори од власт либискиот лидер Моамар Гадафи.
Според познавачите на геополитичките односи и стратегии, Русија има за цел да го зголеми своето влијание на глобално ниво. Ова се совпаѓа со константните обвиненија од страна на Кремељ за вмешување на САД во внатрешните работи на повеќе земји за менување на „режимите“ и организација на „шарените револуции“.
Венецуела е далеку од Русија и Москва повеќе нема ниту една воена база во Западната хемисфера на земјената топка. Но, тоа не значи дека нема теории на заговор за тоа како Русите се обидуваат да го задржат своето влијание во земјите далеку од нивните граници. Мадуро, на пример, не ги демантираше шпекулациите дека руски воени платеници делуваат во Венецуела и се задолжени за зголемување на неговата лична безбедност.
Иако за јавноста е познато дека постојат руски платени војници кои дејстуваат на повеќе страни на светот, руската влада никогаш официјално ја нема потврдено оваа информација. Константин Косачев, кој е на чело на Комитетот за надворешни работи при Федеративниот совет на Русија изјави дека мала е шансата дека Руски платеници го штитат Мадуро.
– Мислам дека нема да има барање за директна заштита од страна на Русија – изјави Косачев и додаде дека ако армијата на Венецуела е на страна на претседателот Мадуро, тој нема да има причина да биде загрижен за неговата безбедност.