Видовме што зборувале Кондолиза Рајс, Барак Обама и Мајк Помпео. Нивните говори во Каиро се рефлексија на американската политика. Тие се нешто сосема спротивно од она што САД го спроведуваат на терен. Со Трамп е малку поинаку. Тој едно зборува, ама тоа не го прави, бидејќи е во сериозна војна со „длабоката држава“ дома
Немам намера многу да се занимавам со колумната лево. Затоа што Карл Билт вообичаено тресе зелени. Не дека јас имам нешто против човеков, едноставно така е програмиран. Карл Билт е докажан глобалист, човек на „длабоката држава“, поддржувач на светската влада, која сака да го владее светот преку корпорации и воена машинерија. Оттука, неговите ставови се јасни, за мене манипулативни, програмирани и пропагандни. Во колумната нѐ прошета низ последните десетина години преку настапите на три американски администрации во Каиро. Тоа го прочитавте. Видовме што зборувале Кондолиза Рајс, Барак Обама и Мајк Помпео.
Нивните говори во Каиро се рефлексија на американската политика. Или нешто сосема спротивно од она што САД го спроведуваат на терен. Ќе ја употребам фразата на хрватскиот новинар Крешимир Мишак, од неговата книга, „Во весниците пишува сè…
(А можеби, не). Мишак вели, не слушај што зборуваат, туку види што сакаат. Па така, едно е што Рајс, Обама и Помпео говореле во Каиро, а сосема друго е кога ги гледаме фактите на терен. А тие, фактите, ни покажаа дека и Рајс и Обама, едно зборуваа, а сосема друго правеа. Не постои човек што може да ме убеди дека зад Арапската пролет, катастрофите во Либија и во Сирија, појавата на ИСИС, па и ненаоѓањето мировно решение меѓу Израел и Палестина, не стојат токму нивните администрации.
Зборуваат за мир, демократија, правда, а го тераа строго контролираниот хаос. Со Трамп е малку поинаку. За разлика од неговите претходници, кои едно зборуваат, а друго прават, тој едно зборува, ама тоа не го прави. Претпоставувам, бидејќи е во сериозна војна со „длабоката држава“ дома, повеќе пробува да балансира со нивната моќ инсталирана во сите пори на американската држава. Неговите јавни закани спрема Иран, Северна Кореја, Русија, на крајот излегуваат како празни муабети.
Изгледа како да им „прави филм“ на медиумски киднапираната јавност и политички окупираната Америка. Оти, ниту го напаѓа Иран, се повлекува од Сирија, а очигледно ги подобрува односите со Русија. Ете, американски медиуми веќе објавија дека Трамп планира да ги извлече САД од НАТО. Не дека тоа тој не го споменал досега, но признавам, за мене е неверојатно восхитувачки добар потег. Ама како со секоја американска администрација, така и со оваа, времето ќе покаже.
Како и да е, толку имам за полемизирање со господинот Карл Билт. И оваа, како и многу други колумни, аналитички е плитка, а стварноста одамна ги спакувала куферите и заминала од неа.
За нешто друго во мене роди инспирација колумната лево. Тоа ми е многу поинтересно за анализирање. Забележувате ли колкава сличност низ годините има односот на „длабоката држава“ на САД спрема Блискиот Исток и Балканот? Кога зборувам за „длабока држава“ зборувам за корпорациско, банкарско, цијашката држава во држава што долго време владее со САД, поголемиот дел со светот, со намера да го завладее сиот. Тие менуваат претседатели во САД, отвораат жаришта низ светот, рушат непослушни влади, диктираат економија и економски кризи. Нивен заштитен знак е глобализмот. Крајна цел, планетата да функционира како една држава под нивна контрола во која сето богатство и моќ е во нивни раце, а луѓето се манипулирани робови што работат, трошат и не размислуваат. Нивни алатки се контрола на умот преку манипулации и контрола на телото преку предизвикување страв и паника. За нив работат банките, корпорациите, владите, полициите, војските, медиумите, науката и интелектуалната бижутерија академици, професори и уметници. Нивно оружје се моќта, продуцирањето кризи и војни, рушењето и инсталирањето влади. Најчести флоскули за злоупотреба им се демократија, човекови права, слобода на говор, борба со климатските промени, заштита на животната средина и политичка коректност. Ваквите како мене ги решаваат со терминот теоретичари на заговори. Оттука, ако ме доживувате како некаковси теоретичар на заговор, слободно напуштете ги овие редови.
Значи, Блискиот Исток и Балканот. Како што во педесеттите и шеесеттите години го ровареа Далечниот Исток, како што во седумдесеттите и осумдесеттите ја пустошеа Јужна Америка, така крајот на дваесеттиот и почетокот на дваесеттиот век, поле на интерес им се Блискиот Исток и Балканот. Интересно е што прават хаос секаде каде што имало древни цивилизации. Блискиот Исток е еден вид тромеѓа меѓу Европа, Африка и Азија, вистинска геостратегиска точка на планетата. Згора на сè, има огромно количество нафта и опиум. Балканот е рајот на Европа, има совршена клима, стратегиски е позициониран, изобилува со вода и храна. Многумина одамна пишуваат дека водата ќе биде новата нафта за присвојување преку окупации. Да не зборуваме дека постои една необјаснива и апсурдна омраза на лажната западна цивилизација спрема муслиманите и Словените. Самиот Карл Билт некаде изјави или напиша, не се сеќавам, дека по исламот, православието е најголемиот непријател на Западот и неговите вредности. Вредности, жими ашимов!
Замислете си само силна блискоисточна и балканска унија на стабилни и суверени држави. По децениски конфликти и масакри тоа е незамисливо, нели? Зошто ли е тоа така? Ако внимателно ги проследите фактите на терен, особено протокот на пари и политичката активност, ќе видите дека од почетокот на кризите и на Блискиот Исток, и на Балканот, „длабоката држава“ со нејзините две раце, ЕУ и НАТО, толку многу се вмрежени во реалноста на битисувањето на овие две територии што мозаикот на злото лесно се составува. И воопшто не е тешко да се види редоследот на дејствувањето. Избираат терен за пустошење. Преку своите агенции за разузнавање ги активираат корумпираните домашни тајни служби и така почнуваат да роварат на терен.
Преку медиумите шират лаги и манипулации за создавање конфронтации меѓу соседните држави. Филозофијата раздели, па владеј, од римско време, не ја промениле. По службите и пропагандата, следува поставување октроирана власт од политички корисни идиоти. Преку нив ги купуваат и ги стават под свое државните капацитети: струја, телеком, вода, патишта, железници. Така, ем ги конфронтираат граѓаните, ем ги осиромашуваат. А гневен и гладен човек, уште полесно се манипулира. Каде што им треба војна, прават војна. Каде што некоја влада станува непослушна, ја рушат. На платен список им се медиуми, интелектуалци, невладини организации, кои шират лаги и смут меѓу народот. Книги и книги се напишани за ова, ама кој има време да чита, нели? И онака е само теорија на заговор. А потоа се будиш со чипувана душа, испран мозок, убеден дека си граѓанин на светот, а всушност си роб што работи, троши, се храни и се празни. Ама па што е тоа важно кога имаш паметен телефон. Тој ќе му ја мисли наместо тебе.