Тргнувајќи од премисата дека транспарентноста е многу важна во делот на преговорите за спорот со Грција, но и поттикнати од изјавите на двете земји дека се во финишот на процесот, „Нова Македонија“ побара информација од надлежните за тоа кои се позициите на Македонија во преговорите и што може да се очекува од најавените средби
Веднаш по позитивните оцени во Извештајот за напредокот на Македонија кон ЕУ и по посетите на земјава на еврокомесарот Јоханес Хан и високата претставничка за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Фредерика Могерини, е закажана нова рунда разговори за наметнатиот спор за името од страна на Грција. Новата средба ќе се одржи повторно во Австрија.
Според пишувањата на грчките медиуми, в среда, на 25 април, во Виена ќе се одржи нова средба на шефовите на дипломатите на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, и на посредникот од ОН, Метју Нимиц, иако за тоа сѐ уште нема официјална потврда или демант од владите на двете земји.
Медиумите на јужниот сосед во своите информации објавуваат и дека многу е веројатно новата рунда разговори да се однесуваат на временскиот период поврзан со решавање на спорот за името.
Во информација за настанот од грчки извори се вели дека датумот за состанокот се споменува единствено во новинарските кругови во Грција, без притоа да има официјална потврда или демант од властите.
Во однос на ставот на грчкото МНР дека, и покрај добиената препорака од ЕК за почеток на преговорите, сепак, конечната одлука за тоа ја носи Советот на ЕУ, каде што Грција повторно може да блокира ако не се најде решение за името, Бошњаковски рече дека Советот во наредните шест месеци треба да се изјасни, меѓутоа сѐ друго во однос на преговорите за името продолжува по планираната динамика.Грчкиот информативен портал „ИН“, пишува дека новата средба се планира под голема тајност, но индиректно ја поврзува и со изјавата на Коѕијас за радиото „247“ дека не може да се постигне договор до јулскиот НАТО-самит.
– Многу е веројатно новите разговори да се однесуваат на временскиот период, нешто што се спомена и по средбата во Охрид – пишува „ИН“.
Според информациите на атинското радио „98,4“, на заедничката средба во Виена ќе се направи обид за отстранување на пречките за конечно решение во спорот за името, базирано на заклучоците од последниот состанок во Охрид.
Дополнително, според она што е објавено во грчките медиуми, Коѕијас со Димитров ќе оствари и нов состанок по оној во Виена, на 3 и 4 мај, во Солун, а една недела подоцна (на 11 и 12 мај) и трет, во местото Сунио, кое се наоѓа на 70 километри од Атина, каде што е закажано одржување меѓународна конференција за иднината на Европа.
И додека грчките медиуми се преплавени со изјави, но и со отворени барања од грчки политичари во врска со спорот, кај нас главно постои воздржаност и сѐ се сведува на голем оптимизам
Во меѓувреме во македонските медиуми нема многу информации поврзани со спорот со Грција за името, како што тоа се случува на медиумската сцена кај јужниот сосед. Македонските власти не елаборираат многу за деталите на активните разговори, а лидерот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, неодамна изјави дека опозицијата во земјата нема информации за текот на преговорите за името.
– Не знаеме кои се можните решенија во врска со спорот за името, ниту, пак, како течат преговорите – рече неодамна првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ.
Од друга страна, во јавноста се шири оптимизам преку изјави на високи политичари и кај нас и во Брисел дека решението е на повидок и дека Македонија може да добие датум за преговори веќе во јуни.
Тргнувајќи од премисата дека транспарентноста е многу важна во делот на преговорите за спорот, но и поттикнати од изјавите на двете земји дека се во финишот на процесот, „Нова Македонија“ побара информација од надлежните за тоа кои се позициите на Македонија во преговорите и што може да се очекува од најавените средби.
Од Владата на Република Македонија велат дека позициите на Македонија се непроменети по основа на позитивните оцени во Извештајот од ЕК за напредокот на Македонија.
– Македонија работи активно на ова прашање и останува на курсот за наоѓање достоинствено замено прифатливо решение што би било во интерес на граѓаните на двете земји – велат оттаму.
Дополнително, владиниот портпарол Миле Бошњаковски вчера потврди дека до крајот на месецов треба да има нова средба на шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција, но точниот датум сѐ уште не е утврден.
– До крајот на месецот ќе има нова средба, а датумот сѐ уште треба да биде потврден меѓу министрите за надворешни работи. Сѐ уште сме големи оптимисти, како што најавија и премиерот и министерот за надворешни работи на Република Македонија, бараме и очекуваме да најдеме решение што ќе биде достоинствено за сите граѓани – изјави Бошњаковски.
Во меѓувреме, претседателот на грчкиот парламент, Никос Вуцис, изјави дека во интерес на Грција е да се најде заемно прифатливо решение за името.
– Наоѓањето заемно прифатливо решение за името, заведено во Уставот и за севкупна употреба, е во интерес и на Грција – смета претседателот на грчкиот парламент.
Тој пред новинарите истакнал дека наоѓањето решение е важно не само за Скопје туку и за Атина, но од различни причини, а додаде дека сега веќе на сите им е јасно дека беше изгубено драгоцено време во минатото.
– На почетокот, грчката страна не работеше на сложено име, а подоцна, тогашната власт во ПЈРМ започна со постапки со јасна националистичка димензија што упорно имаа за цел регистрирање на името на земјата како Македонија – изјавил грчкиот политичар.
Тој за новинарите изразил убеденост дека доколку решението е во рамките на грчките позиции, тогаш ќе биде поддржано од мнозинството политички сили во грчкиот парламент.
– Мојата политичка процена е дека доколку во парламентот дојде за ратификација договор врз основа на повторените јавни ставови и обврзувања од страна на премиерот, но и од министерот за надворешни работи, ќе се најде, преку расправа, една широка политичка поддршка – смета претседателот на грчкиот парламент.
Од друга страна, пак, алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос, уште еднаш ги повтори позициите на официјална Атина, велејќи дека прозорецот на можност е отворен, но топката е на страната на соседната земја, ако излезе во пресрет, ќе има договор.
– Сакаме комплетно решение за да не се создаде одново проблем во следната деценија и сакаме решение што ќе има карактеристика на трајност и затоа е потребна промена на Уставот. Доколку другата страна се одзве на ова, ќе имаме договор, ако не, нема да имаме. Топката јасно дека е на нејзина страна – рекол Катругалос.
Во контекст на овие актуелни случувања, пак, за македонскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ), амбасадорот на Полска во Македонија, Јацек Мултановски, изјавил дека процесот за решавање на спорот за името е од исклучителна важност за идната стабилност на земјата и регионот.
Тој смета дека ЕУ и НАТО треба да го искористат, како што вели, овој многу добар момент во сегашната фаза на разговорите и подготвеноста на Атина и Скопје за решавање на прашањето.
– Јас би рекол дека станува збор за понуда за стабилност и просперитет и понуда за Македонија да учествува во стабилизацијата. Треба да го набљудуваме процесот од различна страна и колку поскоро се реши прашањето за името, подобро ќе биде за вашата земја, за целиот регион и за сите нас. Станува збор за стабилизација и безбедност на целиот регион – смета Мултановски.
Сепак во однос на споменатата временска рамка домашните правни експерти и аналитичари се категорични во ставовите дека истата може да представува јаже околу вратот на македонската држава и народ. Во таа насока во нивните реакции за штетноста на т.н. временска рамка истата беше нарекувана и јамка за себеуништување што би се случило доколку ја прифатиме А.С.