Стејт департментот го објави извештајот за човековите права во кој за Република Македонија е нотирано дека најзначајни прашања се поврзани за извештаи за тортура од затворските чувари, мешање во приватноста, насилство врз новинари, недостиг на судска независност, корупција и насилство против лица од ЛГБТИ заедницата.

Владата презеде неколку чекори за истрага, гонење и казнување на службениците кои извршиле злоупотреби, меѓу кои и полициски службеници виновни за употреба на прекумерна сила, но поседувањето имунитет продолжува да биде широко распространет проблем. Од 15 април до 15 септември, Специјалното обвинителство, кое ги истражува наводите за корупција во периодот од 2008 до 2015 година, поднесе 18 обвиненија против 120 обвинети и отвори седум истраги против 25 осомничени. Исто така, започна и 142 прелиминарни истраги за очигледно криминално однесување кое се однесува или произлегува од содржината на незаконски пресретнати комуникации, наведува Стејт департментот. 

– Во најголем број случаи, судовите се придржуваа до Законот за процедурите за притвор. Селективноста и недостигот од транспарентни судови што се користеа при оценување барањата за притвор или притвор во текот на судењата се проблематични. Владините статистики покажуваат дека обвинителите барале наредби за притвор во пет отсто од сите случаи. Кривичниот суд во Скопје даде 80 отсто од барањата за притвор од страна на Јавното обвинителство и Обвинителството за организиран криминал и корупција. Во исто време, судовите не одобрија 89 проценти од слични барања за притвор и други мерки на претпазливост поднесени од страна на Специјалното обвинителство. Во текот на претходната година, судовите, исто така, ги отфрлија дополнителните барања од Специјалното обвинителство за мерки на претпазливост, вклучувајќи го и домашен притвор и заплена на пасош, се вели во извештајот.

Извештајот нотира дека во некои случаи, судот дозволи осомничени од висок профил да избегнат судско гонење.

Во извештајот како примери се наведени случаите „Таргет“ и „Тврдина“, Никола Бошковски и Горан Груевски и случајот со Сеат Кочан, кој успеа да ја напушти земјата и да го избегне притворот.

Судовите понекогаш не успеваат да обезбедат соодветно оправдување за продолжување, замена или прекинување на притворот, нагласува Стејт департментот во извештајот за човековите права што сеоднесува за Македонија.

Во извештајот се нотира дека Единицата за професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи ги спровела сите внатрешни истраги во врска со наводите за други форми на полициско несоодветно однесување.

Во текот на првата половина од годината, единицата покрена дисциплинска постапка против 175 полицајци и покрена шест кривични пријави против вработените во Министерството за кривични дела, вклучително и „злоупотреба на службената положба”, „измама” и „малтретирање при извршување должност”, се вели во извештајот на Стејт департментот.

Се нагласува и дека на 31 мај минатата година Парламентот избрал нова Влада предводена од СДСМ, со што се ставил крај на неколкумесечниот процес на формирањето на Владата.

– На 27 април 2017 година, откако мнозинството во Парламентот го избра Талат Џафери за претседател, демонстрантите го нападнаа Собранието што резултираше со повреди на седум негови членови. Медиумите објавија дека припадници на Министерството за внатрешни работи им помагале на демонстрантите и не ја исполниле својата должност да ги штитат членовите на Парламентот. Министерството ги казни полицајците кои не ги исполниле своите должности, вклучително отпуштање осум полицајци – се вели во извештајот.

Во најновиот извештај на Стејт департментот се нотира дека како одговор на изборот на новиот претседател на парламентот на 27-ми април, околу 200 демонстранти провалија преку полициски кордон, влегоа во зградата на парламентот и ги нападнаа новинарите и членовите на Парламентот. Истрагата на Министерството за внатрешни работи за настаните од 27 април заклучи дека некои вработени ја узурпирале својата службена положба и не успеале соодветно да ги заштитат членовите на парламентот и новинарите. Како резултат на истрагата, 180 полицајци беа испрашувани, осум беа отпуштени, 43 беа суспендирани, а 70 дисциплински постапки се во тек.