Венгер (68) дојде во Арсенал на 1 октомври 1996 година и во меѓувреме освои три шампионски титули во Премиер-лигата и седум ФА-купа

Французинот Арсен Венгер, по 22 години, на крајот од сезоната се повлекува од менаџерската позиција во славниот лондонски фудбалски клуб, Арсенал. Венгер (68), кој дојде во Арсенал на 1 октомври 1996 година, го предводеше клубот на 823 премиерлигашки натпревари (473 победи, 151 пораз, 57,5 насто победи) и во меѓувреме освои три шампионски титули во Премиер-лигата (1998, 2002 и 2004-та), седум ФА-купа (1998, 20002, 2003, 2005, 2014, 2015 и 2017 година) и еднаш играше во финалето на Лигата на шампионите (ЛШ) во 2006 година (пораз од Барселона, 1-2). Во сезоната 2003/2004, Венгер го предводеше Арсенал до шампионската титула и стана првиот менаџер чиј тим, по Престон во 1888/1989, сезоната ја завршил без ниту еден пораз.

– По подолго размислување и по консултациите со клупските челници, решив дека е вистинско време да се повлечам. Благодарен сум што имав привилегија да бидам на чело на Арсенал во минатите години. Работев со голема посветеност и со интегритет. На сите што го сакаат Арсенал им посакувам да ги чуваат клупските вредности и да ги надградуваат – истакна Венгер.
Од клубот му се заблагодаруваат на Венгер за сѐ што направи и најавија дека неговиот наследник ќе биде познат што е можно поскоро.
– Неговата долговечност и константност на највисоко ниво тешко дека ќе успее да ги достигне некој во блиска иднина. Тој го смени идентитетот на клубот, воопшто и на англискиот фудбал со својата визија – изјави еден од газдите на „топчиите“, американскиот бизнисмен Стен Кронки.

Како можни наследници на Венгер на клупата на Арсенал се споменуваат актуелниот селектор на Германија, Јоаким Лев, неговиот сонародник Томас Тухел, Италијанецот Карло Анчелоти, но и поранешниот капитен на Арсенал, Французинот Патрик Виеира.
Венгер или Професорот, како што е неговиот прекар, во 1996 година беше комплетно непознат за британската фудбалска јавност, за што можеби најдобра илустрација по неговото назначување беше насловот „Арсен, кој?“ во весникот „Ивнинг стандард“. Но во следните две децении Венгер со Арсенал освои многу трофеи, меѓу кои за издвојување е шампионската титула во Премиер-лигата во сезоната 2003/2004, освоена без ниту еден пораз!

Венгер го сметаат за голем иноватор, бидејќи ја смени културата на однесување и на работа во матичниот клуб Арсенал, но и во другите англиски клубови. Тоа најмногу со однесува на исхраната (диетата), начинот на тренирање и на севкупните подготовки на фудбалерите. Неговиот тим играше фудбал допадлив за око и, што е најбитно, освојуваше трофеи. 


Признанијата на Арсен Венгер

3 титули- Премиер-лига, 1997/1998, 2001/2002, 2003/2004

7 ФА-куп – 1997/1998, 2001/2002, 2002/2003, 2004/2005, 2013/2014, 2014/2015, 2016/2017

7 Комјунити шилд – 1998, 1999, 2002, 2004, 2014, 2015, 2017

2 менаџер на годината во Англија – 2001/2002, 2003/2004

1 менаџер на годината во светот- 1998 година

15 менаџер на месецот во Премиер-лигата

Од 2006-та член на фудбалската „куќа на славните“ на Англија