А сега, време е за вистината

Гордоста, возвишеноста, стремежот, љубовта, просперитетот, одбраната на историските придобивки и нашиот статус… сето тоа е наше и не му припаѓа никому, освен нам! Да, нам, на сите што живееме во нашата Македонија: и Македонци и Турци и Албанци и Роми и Срби и Власи и сите други, кои рамо до рамо опстојуваат со векови на овие простори и живеат и просперираат заедно. Време е повторно, како и секоја година, да си ги честитаме празниците: и православни и муслимани и католици, да земеме по едно црвено јајце, како што го правиме тоа во западна Македонија, и со симболот на заедничка победа над злото, над разединувањето, повторно во љубов да се соединиме и заеднички посветено да работиме, во интерес на нашите семејства, нацијата и државата

Дојдовме до крајот на уште една изборна трка или, подобро кажано, изборен циркус. Конечно, за некој ден, ќе можеме да се вратиме на нормалниот живот, во кој нема да мора да ги слушаме сите оние предизборни ветувања што во изминативе години требаше да бидат остварени. И не само остварени туку и надминати, да има направено повеќе од тоа. А ние ги слушаме истите оние реплики и се прашуваме дали некој нас граѓаните нѐ прави интелектуално инфериорни или, пак, тоа се оние што ги повторуваат истите работи, а требаше истите да ги исполнат, да ги завршат, да ги заокружат… А на овие избори да ветат нивна надградба… Ништо од тоа.

Безобразно и безобѕирно, со страшна ударна доза на потценување ги бомбардираа нашите сетила од градските плоштади и селските чистинки, од медиумите, од билбордите, а знаеја понекојпат да нѐ начекаат и во заседа на пазарот каде што најчесто пазариме. Беше тоа време кога човек се плашеше да отвори фрижидер да не му искокне оттаму некој надобуден кандидат да го убедува да гласа токму за неговата опција.

Толкувачите на разни вселенски и овоземни симболи во крајот на изборната трка, со вториот круг на претседателските избори и со гласањето на парламентарните избори, поточно во датумите, гледаат силна симболика што ја толкуваат на свој начин. Имено, изборната трка се совпадна со деновите на Христовото воскресение, велигденските празници, но, од друга страна, се совпаѓа и со Денот на победата против фашизмот. И едната и другата симболика е силна, но двата симболи во својот заеднички именител ја имаат – ПОБЕДАТА!

Победничкиот менталитет нам историски никојпат не ни недостигал. Иако дефицит одвреме-навреме се појавувал.
Ние и како нација и како поединци илјадапати досега сме доживувале некој посилен да нѐ фрли на земја, но ние илјада и еднаш сме се исправале на нозе! Сме изникнувале како пиреј, сме се воздигнувале како феникс, сме воскреснувале и повторно сме го земале своето место под сонцето.

И овој дел од нашата актуелна историја, која тековно се пишува, ќе биде нешто слично. Ова е само еден миг, еден трепет со окото, во кое, од некоја причина, раска прашина влетала и на дел од нас му го заматила погледот. Им го исушила и грлото, па некои од нас не можат да го дигнат својот глас кога некој ги нарекува со туѓо име. И да, тој некој е толку голем што ни го помрачува и сонцето со својата умислена големина.

Доаѓа време кога повторно треба да си го земеме она што ни е одземено. Она што е наше. Она што отсекогаш било наше и треба да биде засекогаш.
Гордоста, возвишеноста, стремежот, љубовта, просперитетот, одбраната на историските придобивки и нашиот статус… сето тоа е наше и не му припаѓа никому, освен нам! Да, нам, на сите што живееме во нашата Македонија: и Македонци и Турци и Албанци и Роми и Срби и Власи и сите други, кои рамо до рамо опстојуваат со векови на овие простори и живеат и просперираат заедно.

Време е повторно, како и секоја година, да си ги честитаме празниците: и православни и муслимани и католици, да земеме по едно црвено јајце, како што го правиме тоа во западна Македонија, и со симболот на заедничка победа над злото, над разединувањето, повторно во љубов да се соединиме и заеднички посветено да работиме, во интерес на нашите семејства, нацијата и државата.