Мишовска со селекторот Кузмановски

Ќе продолжам да вежбам со уште позасилено темпо и ќе докажам зошто сум носителка на медал, а ветувам во иднина уште многу медали за Македонија, вели Мишовска

КАРАТЕ – МИХАЕЛА МИШОВСКА, НОСИТЕЛКА НА СРЕБРО ОД ЕП ВО ЗАДАР

Блесна на Европското првенство (ЕП) во карате за сениори во хрватскиот град Задар. Осумнаесетгодишната членка на скопскиот карате клуб Олимпик 2007, Михаела Мишовска, се закити со сребрениот медал, што претставува голем успех за македонското клупско и репрезентативно карате. Мишовска, која настапи во категоријата до 50 кг, до второто место забележа четири победи, и тоа на дуелите со Ерминија Пефето (Италија, резултат 7-7), Маријами Васадѕе (Грузија, 5-4), Корал Амос (Израел, 2-2), Стилијани-Елени Цилија (Грција, со 4-1 во полуфиналето). Во финалето загуби од Ема Сгардели (Хрватска) со 0-8.

– Медалот е резултат на долг процес, континуитет, секојдневни тренинзи… За ова ЕП се подготвував според зацртаниот план и програма заедно со моите клупски колеги. Најпрво беа подготовките за државното првенство, па за плејофот, потоа следуваше камп во Србија, а на крајот беа финалните репрезентативни подготовки предводени од селекторот Александар Кузмановски. Успехот се должи и на дисциплината што ја демонстрирав на ова ЕП, вербата во себе, во селекторот и секако фактот дека храбрите ги следи среќата. Сето ова на крајот се исплатеше, станав европска вицешампионка. Чувството е прекрасно и по две недели од настанот, кога емоциите стивнаа, сфатив што сум направила за мене, за моите родители Живорад и Сребра, за моите клупски тренери Александар Кузмановски и Кристијан Младеновски, кои веруваа во мене, за мојот клуб, за Македонија и македонското карате воопшто.

За амбициозната Мишовска, прославата на медалот уште не почнала.
– Прослава за медалот ќе следува деновиве, по потпишувањето на стипендијата во Агенцијата за млади и спорт (АМС). Матура славев минатата недела и тоа е едно позитивно искуство во моето животно образование, по што ќе следуваат и упис на факултет и уште многу моменти за славење. Имам 18 години, сакам да бидам психолог, но како и секој млад човек имам многу зацртани планови во животот, но каратето секогаш ќе биде дел од мене.

Како го доживеавте овој успех, имаше ли честитки?
– Уште со влезот во финалето добив пораки од сите мои клупски колеги, кои први ми честитаа. Ќе ги спомнам Вероника Костовска, која беше цело време со мене на ЕП, Фахик, Матеј, Андреј, Јована, Магде, Симона, Ива, Марија и другите од КК Олимпик, кои ме следеа онлајн. Честитки имаше и од целата репрезентација на Македонија, од соучениците од средно, па дури и од професорите, од моите родители, роднини, пријатели, новински и ТВ-медиуми.

Што е, според вас, најбитно за да се постигне ваков значаен успех?
– Поучена од многу моменти, сепак, можеби најбитен е психолошкиот, оти сите борби беа тензични и тешки, а беше неизвесно до последна секунда, како што впрочем обично е во каратето. Ќе го потенцирам полуфиналето против Гркинката, која ја победив со 4-1. Ќе продолжам да вежбам со уште позасилено темпо и ќе докажам зошто сум носителка на медал, а ветувам во иднина уште многу медали за Македонија.
Кога почнавте да тренирате карате и кој беше „виновникот“?
– Потекнувам од карате-семејство, моите родители се тренери во КК Тигар 2003. Тие и ми ја всадија љубовта кон каратето, а веќе пет години ги бранам боите на Олимпик спорт 2007 и репрезентацијата на Македонија под раководство на најдобрите тренери Кузмановски и Младеновски. Во клубот имам и многу спаринг-партнери од кои има што да се научи. Ги издвојувам девојките со кои бевме екипни прваци на Македонија за сениорки во 2022 и 2024, Михаела, Вероника, Јована, Марија, Ива, Симона и Магдалена.

Што би им препорачала на младите спортисти?
– Пораката до сите млади што се занимаваат со спорт е да го слушаат својот тренер, оти тој им мисли најдобро, да имаат меѓусебна доверба со сите спортисти, да се борат на татамите до последната секунда.

[email protected]