Фото: „Нова Македонија“

Состојбата може да се подобри со поголеми реформи во образованието од основното образование, кариерното насочување, средното стручно образование и високото образование, кои мораат да дадат повисок степен на знаење и квалитет

Анкета за оцена на деловната клима во Македонија

Недостигот од стручни кадри ги демотивира странските компании да инвестираат во земјава, покажуваат резултатите од анкетата за оцена на деловната клима во Македонија, која традиционално ја спроведува Македонско-германското стопанско здружение. Дури 70 отсто од германските инвеститори во државата сметаат дека недостигот од стручни кадри е еден од најголемите ризици, помеѓу другото води кон тоа да се одразува кон тековното производство, да се одбиваат налози и да се намалуваат планирани тековни инвестиции. Според резултатите од анкетата, 57 отсто од инвеститорите сметаат дека и трошоците на работењето се еден од факторите за ризик, а за 47 отсто влијание има и политичко-економската ситуација.
Инвестициите од германски компании во Македонија бележат мало намалување, што, според претставниците на овие компании, се должи на недостигот од стручни кадри во земјава.
Генерално, германските компании ја оценуваат бизнис-климата во Македонија како добра, покажа анкетата спроведена меѓу германските инвеститори и компании членки на Македонско-германското стопанско здружение.
– Показателите за инвестиции на компаниите и нови работни места остануваат стабилни, 49 отсто од анкетираните компании ја оцениле моменталната економска состојба во Македонија како добра или задоволна. Споредбено со претходната година, 6 отсто од анкетираните компании ги оценуваат економските перспективи за 2024 година како добри, 57 проценти ги оценуваат како задоволителни, а 37 отсто ги оценуваат како полоши – покажуваат резултатите од анкетата.
Во однос на планираните инвестиции, 30 отсто од испитаниците одговориле дека сакаат да ги зголемат своите капитални инвестиции, 33 отсто рекле дека ќе останат на истото ниво во однос на инвестициите, а 37 отсто рекле дека ќе ги намалат трошоците за инвестиции. Генерално, ова е показател дека ќе има забавување во однос на инвестициите кај анкетираните компании во споредба со динамиката од претходните години, се заклучува од анкетата.
Корупцијата е еден од проблемите со кои се соочува земјата. Иако германските инвеститори досега немале добиено директна понуда да дадат мито, тие се соочуваат со други проблеми што им го отежнуваат работењето – како пролонгирање на процесот на вадење работни дозволи за странци или други дозволи што им се потребни на компаниите.
Во Македонија има повеќе од 200 германски компании во кои работат над 20 илјади вработени. Во текот на 2023 година имало и нови германски инвеститори, но и голем дел од компаниите реинвестирал во државата. Размената меѓу нашата држава и Германија во 2023 година била 5,1 милијарди евра.
Иако регионот е сѐ уште привлечен за германските инвеститори, факт е дека Северна Африка станува сѐ поатрактивна дестинација за нив.

– Точен е заклучокот дека недостигот од стручни кадри влијае негативно на инвестициите на германските и други странски компании кај нас. Во времето кога овие инвеститори доаѓаа во земјава, бројот на невработени беше над 25 отсто. Нашите влади ја истакнуваа предноста на ниските плати во Македонија. Денес е сосема поинаква состојбата – работници на пазарот на трудот не се јавуваат на огласите, а платите се многукратно поголеми – истакнува Ангел Димитров, претседател на собранието на Организацијата за работодавци на Македонија.
Според него, треба да се има предвид структурата на тие странски инвестиции, а повеќето од нив се состојат од трудоинтензивни дејности, каде што учеството на трудот во создавањето на производот е огромно.
– Станува збор за едноставен мануелен труд, најчесто некакви рачни работи на монтажна лента, и овој тип на работа не може да биде платен со повисоки плати. За жал, на пазарот на трудот недостигаат и работници со повисок степен на образование и повисоко ниво на знаење, особено од техничките сектори. Овие недостатоци се пречка за развој и на домашните компании и во иднина ќе бидат главниот проблем за раст на економијата – укажува Димитров.
Како што вели тој, состојбата може да се подобри со поголеми реформи во образованието од основното образование, кариерното насочување, средното стручно образование и високото образование, кои мораат да дадат повисок степен на знаење и квалитет.
– Истовремено треба да дебатираме дали треба да се ограничи заминувањето на високообразовен кадар во странство, со тоа што за да заминат ќе треба да обезбедат банкарска гаранција или надомест за трошоците за образование во земјата – смета претседателот на собранието на ОРМ.
Тој смета дека што поскоро треба да се прочисти списокот на невработени и корисници на социјална помош и да се утврди каде се тие луѓе, дали работат на црно, зошто не се пријавуваат на огласите за вработување и зошто не прифаќаат преквалификации и обуки.
– На крајот ни останува можноста, која ја користат и другите држави од околината, за либерализација на увозот на работници од странство, која, се разбира, си носи и добри и лоши страни, но по сѐ изгледа станува неминовност – вели Димитров.