фото: ЕПА

Продолжува истрагата за околностите во кои настана хеликоптерската несреќа во која загинаа иранскиот претседател Ебрахим Раиси и неговите придружници. Турција, која учествуваше во операциите за пребарување, рече дека хеликоптерот не испратил никаков сигнал, додека американски официјален претставник негираше странска вмешаност во она што се случи.

Турскиот министер за транспорт Абдулкадир Оралоглу во понеделникот рече:„За жал, сигналниот систем најверојатно не бил активиран или хеликоптерот го немал овој сигнален систем, бидејќи немало сигнал“.

Откако иранските власти во неделата објавија дека хеликоптерот на Раиси се урнал во планинска област во близина на границата со Азербејџан, на спасувачките тимови им биле потребни околу 15 часа да стигнат до остатоците од хеликоптерот во исклучително тешки временски услови.

– Турското беспилотно летало „Акинџи“ прво успеало да го лоцира местото на падот на хеликоптерот и веднаш започнале операциите за пребарување врз основа на барањето испратено од Техеран до Анкара – јавува турската новинска агенција „Анадолу“.

Иранските власти објавија дека Раиси, министерот за надворешни работи Хосеин Амирабдолахиан и уште шестмина патници и членови на екипажот загинале во несреќата, а иранскиот врховен лидер Али Хамнеи го назначи првиот потпретседател Мохамад Мокбер привремено да ја преземе претседателската функција.

Иранските медиуми вчера објавија дека началникот на Генералштабот, генерал-мајор Мохамад Багери формирал комитет на високо ниво за да ги истражи причините за падот на хеликоптерот.

Во меѓувреме, поранешниот ирански министер за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф рече дека Соединетите држави се одговорни за хеликоптерската несреќа поради забраната за продажба на делови за патнички авиони на неговата земја. Во вчерашната изјава за иранската телевизија, Зариф потврди дека едностраните санкции наметнати на неговата земја го погодија секторот на цивилната авијација.

Во Вашингтон, американскиот секретар за одбрана Лојд Остин потврди дека неговата земја немала никаква улога во соборувањето на хеликоптерот на иранскиот претседател.

Американската мрежа „Ен-би-си“ цитираше висок функционер во администрацијата на претседателот Џо Бајден дека нема „апсолутно никаква странска улога“ зад хеликоптерската несреќа.

„Ен-би-си“ објасни дека тоа е во согласност со изјавите на сенаторот Чак Шумер, лидер на демократското мнозинство во американскиот Сенат, кој во неделата рече дека се чини дека нема докази за некаков заговор во врска со хеликоптерската несреќа.

Официјален претставник на администрацијата на Бајден ги осуди „смешните“ извештаи на иранските медиуми кои сметаат дека Вашингтон е одговорен за она што се случи.

Зборувајќи за можните ефекти од смртта на иранскиот претседател и министерот за надворешни работи врз американско-иранските односи, функционерот рече дека Вашингтон не очекува некои значајни промени.