На 25 мај, на Школка, во Градскиот парк – Скопје, ќе се одржи настан на кој ќе можат да се слушнат говори од истражувачи и активисти, кои ќе бараат преземање акција за превенција од негативните климатски влијанија врз нашата држава.
Климатските промени претставуваат една од најголемите закани за нашето општество. Не само што влијаат на нашата животна средина и здравје туку ги загрозуваат и нашата економија, земјоделството и природните ресурси. Времето за дејствување е сега, за да обезбедиме сигурна и одржлива иднина за следните генерации.
Самиот настан е посебен, бидејќи ќе има зелени штандови што ќе ги претстават локалните бизниси и организации, промовирајќи еколошки свесен начин на живот. Овие штандови овозможуваат сите преку личен пример и акција да придонесат кон подобра животна средина преку мали, но значајни промени во нашите секојдневни навики.
– Исто така, младите ќе имаат можност преку инфоточките на „Гоу грин“ да се запознаат поблиску со програмите и активностите што ги нудиме за нив. Ова е одлична можност за младите да се вклучат и да станат дел од климатската акција, која е од витално значење за нашата иднина. Покрај говори, ќе има музика во живо од бенд составен од млади со исто толку голема страст за оваа тема колку нашата, „Вертиго“. Ќе има различни активности, игри, правење бомби од семиња, боење банери и лица, кои ќе придонесат за креативна и забавна атмосфера на настанот. Ве покануваме да ни се придружите и да бидете дел од ова важно движење за заштита на нашата планета. Заедно можеме да направиме промена – истакнуваат организаторите од „Гоу грин“ – Скопје.