Утревечер, петок, од 20 ч. на сцената од театарот „Војдан Чернодрински“ премиерно ќе биде изведена претставата „Дупло дно“ од Горан Стефановски, во режија, дизајн на сцена и костими на Наташа Поплавска. Ова и трета соработка на Поплавска со прилепскиот театар, и втор текст од Стефановски што го поставува на сцената од театарот.
На денешната прес-конференција Поплавска рече дека драмата „Дупло дно“, Горан Стефановски ја пишува во 1983 нарекувајќи ја „пасија во три става и кода” што наликува на музичката форма свита и во неа ги отвора проблемите на поединецот уметник, лудак и револуционер наспроти системот, отелотворен во ликот на министерот за култура.

Според режисерката во „Дупло дно“ се отвора прашањето како уметничката стварност денес кореспондира со реланоста. Таа го прикажува лажниот ангажман на уметниците кои се борат за “уметничката слобода”, а всушност се борат за позиција на министри за култура со цел да ги задоволат своите лични интереси и заработки, така што чистата уметност станува памфлет за статус.
Композитор на музиката е Ристо Вртев, кој првпат соработува со прилепскиот театар, драматург е Ивана Нелковска, за дизјанот на светлото е задолжен Милчо Александров, а автор на плакатот е Бојана Артиновска – Трпческа.
Во претставата играат Катерина Клинческа Чакмакоска, Даниела Иваноска, Димитар Ѓорѓиевски, Игор Трпчески, Зоран Иваноски, Михајло Миленкоски, а музичари се Томе Темелкоски, Методија Костоски, Ана Митоска и Филип Јездиќ.
Претставата финансиски е поддржана од Министерството за култура.
Ка.М.