Фото: Мандолински квартет „Стоби“

Со концертот во Музичкото училиште „Методи Патче“ во Охрид, започна турнејата низ Македонија на мандолинскиот квартет „Стоби“ од Сплит. Квартетот кој работи во рамките на Македонското културно здружение „Стоби“ од Сплит, се претстави со проектот „Смош“ во чии рамки беа македонски народни песни и хрватски традиционални нумери, кои публиката топло ги прифати и ги награди со долготраен аплауз.

Во рамки на музичката вечер настапија и ученици од музичките училишта во Охрид и Струга.

Квартетот „Стоби“ го сочинуваат, Никола Митревски (мандолина), Мате Кошутник (мандолина), Луција Мајиќ (мандола) и Лука Елез (гитара).

Тие претходно беа познати под името „Клинци Мандолинци“, а активни се веќе шест години во рамки на културното здружение „Стоби“.

Во рамки на гостувањето низ Македонија, вечерва е предвиден настап во Штип во градската библиотека „Гоце Делчев“, од 18 часот, а утре и во Скопје, во домот на културата „Кочо Рацин“, со почеток од 18:30 часот.