Музичар, поет, а пред сè човек. Бранислав Николов, познат и под уметничкото име Пијан Славеј, е фронтмен на култната музичка група „Фолтин“. Деновиве скопската публика имаше можност да ужива во нивниот настап на фестивалот „Оф-фест“, но и во неговата нова песна „Крв да ни се стори“, креирана во соработка со Каролина Гочева и со Дуке Бојаџиев.
Луѓето се плашат да кажат „те сакам“ затоа што…
– Кога е искрено кажано, тоа не е само изјава, ами тешко и морно прашање.
Светот може да го спаси само…
– Многу љубов во детството на секое живо битие.
Во кои ситуации маваме „шамарче“, а во кои „шамар“?
– На човек кому не му дошло во пробивот на насобраната, долго воздржана и неконтролирана страст да штипне, да касне, да шлакне… Нему џабе да не му го трошиме времето.
Стравот прави од човек…
– Карикатура, бегалец од самиот себе.
Луѓето си ги сакаат етикетите и титулите што општеството (а посебно сами) си ги даваат затоа што…
– Без тие придавки, слаби им се именките.
Тешко ти е кога…
– За малку не можам да досегнам.
Совршено е…
– Кога за малку сум досегнал.
Да се живее без емпатија значи…
– Да не чувствуваш дека си дел од нешто многу поголемо од тебе.
Поезија или музика?
– А зошто би ги двоел?! Двајца љубовници што толку се сакаат, та не можеш да ги одвоиш без да ги распориш.
Најмногу грешиме кога…
– Не си ја прифаќаме природата. Да сакаш да бидеш некој друг е да не се сакаш себеси. Во таков случај можеш само да мразиш. А човек без љубов е најголем грешник.