Нема ништо ново во тоа дека апликацијата Воцап се бори со безбедносните проблеми. Независниот сајбер-експерт од Индија и ловец на багови Атул Џaјарам тврди дека телефонските броеви на многу корисници на Воцап се достапни преку едноставно пребарување на Гугл. Како што вели, броевите им се достапни во сите варијанти, односно во отворен текст, а погодени се корисниците речиси од сите земји. Според Џaјарам, грешката е во опцијата „кликни за разговор“ на десктоп-верзијата на апликацијата Воцап.

Кога се избира оваа опција, корисниците можат да се допишуваат со некого без да го имаат зачувано неговиот телефонски број. Сепак, Гугл ги индексира, така што тие се достапни за пребарување, пишува „Тек радар“.

– Во зависност од поставките за приватност, можете многу лесно да ги најдете статусот и фотографијата на профилот, како и името. Со оглед на тоа дека вашиот телефонски број е исто така видлив, најдобриот начин да се заштитите е да го избришете налогот на Воцап или да го промените бројот – вели Џaјарам.
Меѓутоа од Воцап, се чини дека не се особено загрижени, и покрај предлогот на Џaјарам дека треба да користат криптирање.

– Ги цениме овој истражувачки извештај и потрошеното време, но не сметаме дека е проблем затоа што содржи индекс на пребарувач на УРЛ-адреси што корисниците на Воцап избрале да ги објават јавно. Сите корисници, вклучувајќи ги и компаниите, можат да ги блокираат несаканите пораки со допир на копче – се вели во соопштението од компанијата.

Сепак, овој став се чини премногу необичен. Денес мобилните телефони се составен дел од животот и ако нечиј број падне во погрешни раце, штетата може да биде голема.