Фото: Група „Меморија“

Групата „Меморија“ на денешната прес конференција во Скопје ја претстави својата нова песна „За добро нека е“, чиј автор е новиот член на бендот, гитаристот Рубин Димкоски, а текстот е на Душко Темелковски, некогашниот пејач на прилепската група „Бен Хур“.

Песната е стилски поинаква од сето она што досега групата го работела, има брз ска ритам, но со мошне заразен и певлив рефрен и стихови што носат порака и покрај се да се сака животот. Како и претходните новоизлезени песни и оваа е снимена во студиото „Тра ла ла“ на Мите Димовски, кој заедно со Давор Јордановски стои зад музичката продукција, додека извршен продуцент е Петар Георгиевски – Камиказа.

 

 – Оваа песна е напишана за Филип Николовски,  мој најголем фан. Тој има 25 години и се движи со помош на инвалидска количка. Тоа е песна за неговиот живот, кој тој и покрај се многу го сака, како и музиката и дружбата, вели авторот на музиката Рубин Димкоски, новиот гитарист на „Меморија.

Како што рече авторот Рубин, зад новата песна на „Меморија“се крие хумана приказна.

– Оваа песна е напишана за Филип Николовски, мој најголем фан. Тој има 25 години и се движи со помош на инвалидска количка. Тоа е песна за неговиот живот, кој тој и покрај се многу го сака, како и музиката и дружбата. Кога ја предложив тука во бендот на сите им се допадна и одлучивме да ја снимиме. Бидејќи на секој концерт на „Меморија“ гости се членовите на здружението „Мобилност“, така ќе биде и овојпат, а Филип оваа песна, што му е посветена нему, ќе ја пее со нас на сцена. Ако во догледно време се сними и спот, сигурно во него ќе биде и Филип. И тој ќе биде дел од нашата хумана мисија – рече Рубин Димкоски.

Песната ја пее Ристо Самарџиев, кој исто така имаше своја верзија на приказната.

– Рубин уште кога не беше во бендот, јас ја слушав првата верзија на песната, што ја пее самиот Филип Никловски, заедно со Рубин и со цела тајфа прилепски градски ликови. Снимен е интересен спот што неколкупати сме го пуштале на Сител телевизија, бидејќи носи убава, хумана порака. Всушност Филип е внук на познатиот македонски репрезентативен голман Јане Николовски. И ете се случи пред неколку месеци Рубин да ја донесе песната во бендот, а токму јас ја пејам новата верзија со големо задоволство – откри Ристо Самарџиев.

Исто така ја слушнавме и неговата авторска песна „Мој народе“, која ќе биде дел од новиот албум на „Меморија“ што е во подготовка. Веќе се снимени пет песни од предвидените 10. Според најавите алабумот ќе биде насловен „Уморни херои“ и ќе биде промовиран во февруари, по големиот славенички концерт на бендот на 16 ноември во СРЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, со кој групата одбележува 40 години постоење.

Лидерот Петар Георгиевски – Камиказа откри уште некои детали во врска со овој настан.

– Четирите дами што ќе го украсат нашиот концерт се Ружица Брчиоска од групата „Ареа“, Андријана Јаневска, Дани Димитровска и Сара Мејс. Инаку продажбата на влезниците оди одлично, веќе се продадени 1.800 билети, а сакам да најавам и дека ова ќе биде технички најопремен концерт во историјата на македонската популарна музика. Еден од куриозитетите на концертот е изведбата на песната „Оган под ѕвездите“, заедно со македонската ракометна репрезентација, бидејќи тие ја пеат по секој натпревар во соблекувалната. Ќе се појават и моторџиите, а пејачките- гостински ќе го испејат хитот „Мотори“ на „Дивње јагоде“. Меѓу гостите ќе има и други врвни спортисти и тимови, но и хорови и уште изнендувања – рече Петар Герогиевски.

Сите членови на групата потврдија дека чувствуваат кретаивна возбуда пред големиот концерт.

– Убавата атмосфера не носи сите напред и целата оваа приказна околу „Меморија“ ни годи – велат тие.