Воцап продолжува да воведува иновации во својата мегапопуларна апликација, а сега дополнително го поедностави процесот на пренесување на историјата на разговорите и датотеките на друг уред без користење резервна копија во облак.

Благодарение на новата функција, корисниците добиваат кју-ар код на стариот уред што ја содржи зачуваната историја, која локално се пренесува на новиот мобилен телефон преку вај-фај дајрект.

Новата опција сè уште доаѓа за корисниците на Воцап бета и моментално е достапна само за пренос на истите оперативни системи, односно од андроид на андроид и од иос на иос. Процесот вклучува избор на опцијата нагодување во Воцап, потоа Четс и Чет трансфер, каде што се наоѓа новата опција доколку е достапна за одреден корисник.

Од матичната компанија „Мета“ велат дека податоците за историјата на разговор се споделуваат само помеѓу два уреда и се целосно шифрирани за време на процесот на пренос. Функцијата е корисна и во случај на поголеми резервни копии, кои не можат да се „вклопат“ на облакот.