Римски гробишта стари 2.000 години, кои содржат најмалку 20 украсени гробови, беа откриени во близината на брегот на северот на појасот Газа, додека надлежното министерство го нарече најважното локално откритие во изминатата деценија. Газа е богата со антиквитети, бидејќи им била важна трговска точка на многу цивилизации, која датира од Античките Египќани и Филистејци опишани во Библијата, преку Римската Империја и Крстоносните војни. Меѓу урнатините откриени на таа територија се и оние од времето на Александар Македонски и монголската инвазија.
Досега се откриени 20 римски гробници и се очекува екипи да лоцираат вкупно 80 гробници на гробиштата од 50 квадратни метри. Беа отворени два гроба, едниот со останки од скелет, а другиот со глинени садови.
– Поради обликот на гробниците и релативно орнаментираните украси, тие веројатно им припаѓаат на високи луѓе во Римската Империја од првиот век – изјави Џамал Абу Рида, генерален директор на Министерството за туризам и антиквитети во Газа.
Рида вели дека, за разлика од муслиманските гробници од подоцнежните периоди свртени кон север или југ, римските гробници се свртени кон исток или запад.
Имавме неколку откритија во минатото, но ова е најважното археолошко откритие во изминатите десет години – истакна Абу Рида.
Областа е затворена за новинарите и јавноста, додека локацијата не се организира и обезбеди за посетители. Локацијата, која е под надзор на француски тим експерти, ја пронашол тим од градежни работници што работеле на проект за изградба на станбени згради со египетско финансирање. Кога наишле на големи антички тули од гробиштата, престанале да работат и повикале археолози, пренесува „Ројтерс“.