Спој на турската традиционална музика и современата џез-музика ќе слушне публиката во Скопје и во Гостивар денеска и утре на бесплатниот концерт наречен „Виорот на Анадолија“. Скопје е прва станица од 11-те града низ Балканот во кои ќе настапат музичарите Анил Шалиел, саксофонист, и Мареечи Асу, на деф. На денешната прес-конференција, која ја организира турскиот културен центар „Јунус Емре“ од Скопје, беше најавен концертот во кој ќе биде оживеан духот на легендарните доајени – уметниците Ашик Вејсел и Зеки Мурен.
Директорот на центарот, Ариф Конак, истакна дека во последните шест месеци, колку што го води центарот, за него е голема чест да се доближи турската култура до македонскиот народ.
– Концертот „Виорот на Анадолија“ ќе биде големо завршување на годината со двајца извонредни музичари од Турција. Шест месеци сме посветени на овој проект. Прва станица на овој концерт ќе биде Скопје. Џезот е западна култура, ама овие извонредни музичари на прекрасен начин ќе направат убав спој со традиционална турска музика – рече Конак.
Младиот Анил Шалиел вели дека е пресреќен што ќе може да ја претстави турската музика во Македонија.
– Ја започнуваме турнејата од еден многу важен град. За мене ова е остварување на еден сон. Мојата музика стана тема за докторски студии на многу универзитети. Турската музика е многу стара и доаѓа од османлискиот период, џезот е понова музика за Турција. Ветуваме час и половина визуелен концерт со многу убава приказна. Користиме стари снимки од Ашик Вејсел, во нов аранжман.
Ќе чуете поезија и од Јунус Емре и Мевљана. Ова нема да биде само музичка претстава туку театарска презентација. Со нас ќе имаме многу добри изведувачи и ветуваме дека ќе бидете одушевени. Колку да ја објаснувам музиката, нема да можам да ви доловам. В четврток пред вас ќе бидеме музичари – рече Шалие.
Мареечи Асу вели дека џезот не е само музика од звуци, тоа е музика што треба да се разбере. Треба да ставите свое јас во музиката.
– Почнавме со музиката суфи, потоа работевме да ја направиме модерна.
Суфи го споив со рок-музиката, а подоцна со Анил ја споивме турската музика со џезот. На многуте состаноци разговаравме како старата турска музика да стане модерна верзија. Музиката го прикажува нашето минато, но и сегашност. Не треба да се заборават корените. Мене музиката ми легна на срце, се надевам дека и на публиката во Скопје – рече Асу.
На прашањето дали ја следат македонската музика, Шалиел го издвои Џамбо Анѓушев и истакна дека има чувство дека овде музичарите добиваат добро музичко образование. Тој ги покани сите да дојдат на концертот во Скопје.