Плакат

Оваа сабота на платото кај Саат Кула во центарот на Прилеп, од 10 до 18 часот ќе се одржи шестото издание на манифестацијата „Млеко 2024: Предизвици во сточарството“, настан кој со својата интересна програма ќе привлече разновидна публика.

Сите што го сакаат сирењето и млечните производи ќе имаат можност да уживаат во дегустации на квалитетни производи и притоа да дознаат интересни работи за овој прехранбен продукт.

Добредојде и поздравните говори се на Тодорка Наумоска-Димески, претседател на „Слоу фуд Прилеп“ и Елена Каровска Гошевска, претставник од „Слоу фуд“ Македонија.

Освен изложба на сирења и млечни производи, организаторите подготвија детско едукативно катче, со две работилници: „Млечна магија: Боиме бело“ со Гоце Бумбароски и „Патот на млекото: истражување на млекото и млечните производи“ со Јасна Ѓорѓиевска. Ќе има и дегустација со сензорно оценување на сирења, конференција „Климатските промени и новите вектори на болести“, што ќе ја држат проф. д-р Методија Трајчев од Факултетот за земјоделски науки и храна и Елена Каровска -Гошевска, дипл. инж. за преработка на анимални производи.

Музичкиот дел е резервиран за староградска музика што градот под Марковите кули ја негува со многу љубов и за која се задолжени „Романса“ и женскиот хор „Орхидеја“.

Целта на настанот е да биде интерактивен и да привлече разновидна публика: ќе присуствуваат млекари, сточари, мандраџии, експерти, претставници на институции, студенти и активисти од здруженија и сите што сакаат да им се слушне гласот, да презентираат и да уживаат во различноста на вкусовите.