„Гугл“ тестира нова технологија за вештачка интелигенција наречена „Џенесис“, која може да произведува вести. Технологијата за вештачка интелигенција развиена за да им помогне на новинарите им беше претставена на челниците на корпорацијата „Њуз корп“, која е сопственик на водечките американски весници „Њујорк тајмс“, „Вашингтон пост“ и „Волстрит џрнал“, се вели во текстот објавен од „Њујорк тајмс“.
За технологијата, која „Гугл“ ја нарекува „Џенесис“, се вели дека може да подготви вести од какви било податоци, вклучувајќи и тековни настани што ѝ се дадени. „Гугл“ верува дека оваа технологија, дизајнирана да служи како „личен асистент“ за новинарите, ќе им заштеди време за поважни вести.

„Џенесис“ е вознемирувачки

Некои директори што присуствуваа на презентацијата го сметаат „Џенесис“ за вознемирувачки и изјавија дека некои важни точки за пишувањето точни вести биле занемарени.
– „Џенесис“ не е наменет да ја замени критичната улога на новинарите во пишувањето и потврдувањето на сториите – рече портпаролката на „Гугл“, Џен Крајдер.
Професорот на Градскиот универзитет во Њујорк, Џеф Џарвис, истакнувајќи дека новата технологија на „Гугл“ има потенцијални предности и недостатоци, порача дека ако оваа технологија може веродостојно да претстави фактички информации, новинарите би требало да ја користат.
Наведувајќи дека некои вести од новинарите и новинските организации бараат нијансирано и културно разбирање, Џарвис рече дека употребата на оваа технологија може да му наштети на кредибилитетот на новинските организации.

Дискусија за вештачката интелигенција во редакции

Новинските организации низ светот дебатираат дали да користат технологии за вештачка интелигенција во нивните редакции.
Некои организации, вклучувајќи ги и „Тајмс“, „НПР радио“ и „Инсајдер“, најавија планови за истражување на потенцијалот на вештачката интелигенција за да видат како може таа одговорно да се примени во светот на вестите каде што секундите и точноста се најважни.
Додека „Асошиејтед прес“ (АП) долго време користи вештачка интелигенција за известување за теми како што се корпоративни извештаи, агенцијата исто така објави дека ќе ја сподели својата архива со вести со моделот за вештачка интелигенција ЧетГПТ.
Од друга страна, „Ен-би-си њуз“ и „Тајмс“ реагираа на вештачката интелигенција, која неовластено ги снимаше нивните податоци.