Фото: Приватна архива

Васил Гарванлиев вечерва, во 20 часот, пред скопјани, во магичниот амбиент на Куршумли Ан ќе го одржи својот прв солистички концерт во метрополата.

Всушност најава за овој голем настан за Васил, што го подготвува со години, беше неговиот неодамнешен настап на „Охрид фест“, кога ја восхити публиката со негова верзија на познатата македонска народна песна „Јовано, Јованке“.

Инаку Васил живее во САД, каде гради успешна музичка кариера. Тој беше и македонски евровизиски преставник во 2021 година.

– На концертот ќе ме придружува одбрана екипа музичари: Давор Јордановски на клавир, Оливер Јосифовски од „Љубојна“ на бас, Ратко Даутовски на перкусии, ќе ги слушнеме и девојките од „Злата Мегледнска“, ќе има и балерини и други изнендаувања. Ќе изведам 17 нумери, со балканска музика, класика и поп музика, стари прерабоки и нови песни, кои премиерно ќе ги испејам. Се ќе се снима, а вечерва публиката ќе има посебна улога – ни рече Васил Гарванлиев.

Концертот е и по повод 30-годишнината откако Васил првпат на сцената на детскиот музички фестивал „Калинка“ ја испеал песничката „Желба од срце“. Тој дополни дека со сето срце се надева дека и публиката вечерва ќе ужива во концертот. Влезот е слободен.

Неговите струмичани ќе можат да го слушнат на 14 септември, а концертот ќе се одржи во театарот „Антон Панов“ во неговиот роден град. М.Т.