Заврши 23-то издание на фестивалот во МКЦ
За време на преполната проекција на филмот „Неочекувана среќа“, во режија на Вуди Ален, со која свечено се затвори фестивалот, беа доделени и наградите за најдобрите остварувања на 23-то успешно издание на „Синедејс“.
Под слоганот „Викај ура“, и годинава фестивалот обезбеди врвни остварувања и македонски премиери, но со драстично намален буџет, кој во текот на последните три години е намален за повеќе од 60 отсто. И покрај големите финансиски и организациски пречки, кои од година на година стануваат поголеми и понепремостливи, повеќе од 4.000 посетители уживаа во освежувачките фестивалски денови.
„Златна ѕвезда“ за израелската продукција „Градот“
Жирито во состав Горјан Атанасов, филмски и ТВ-монтажер, Ивица Димитријевиќ, актер и режисер, Мина Ѓукиќ, режисерка, Рохан Бери Крикмар, филмски продуцент и фестивалски селектор, и Гентиан Кочи, филмски режисер, ѝ ја доделија наградата „златна ѕвезда“ или најдобар филм на израелската продукција „Градот“, во режија на Амит Улман. Филмот е првиот хебрејски рап-мјузикл инспириран од црнечка музика, филм ноар и детективски филмови. Жирито му ја додели наградата на ова смело остварување поради „разиграната кооптација на стилот ноар и класични мјузикли, за кое суптилно ја раскажува приказната за израелски индустриски град каков што ретко гледаме на филм“. Наградата, пак, „сребрена ѕвезда“ за најдобра режија му ја доделија на младиот израелски режисер Ноа Дебре и неговиот филм „Последните Евреи“, за неговиот необичен и темелен филмски стил додека ја раскажува нијансираната и напати смешна приказна за младиот Рубен Белиша. Третата награда „сина ѕвезда“ или награда за најдобро сценарио му ја доделија на „Ширкоа: Утопија на лагите“, за импресивниот наратив на градење дистописки научнофантастичен свет.
Жирито во состав, пак, Марија Димитрова, продуцентка, Андреас Јонсен, режисер, и Бојана Андриќ, кинематограферка, одлучи во селекцијата ЈИЕ (Југоисточна Европа) да му ја додели наградата „златно сонце“ или награда за најдобар филм на турското остварување „Јурта“, во режија на Нехир Туна, за реалистичниот и артистички неприкосновен портрет на млад човек што расте меѓу два спротивставени света што се одраз на турското општество во минатиот век и денес. Во оваа селекција жирито одлучи да му додели и специјално признание на филмот „78 дена“, во режија на Емилија Гашиќ, кој му е посветен на животот многу млади невини генерации што беше ненадејно прекинато во текот на 78-дневното бомбардирање на Србија.
Публиката уживаше во над 50 филмски остварувања
– Ќе успееме, мора да го одржиме фестивалот и да ја водиме оваа наша борба за содржајни културни настани и случувања во нашево неверојатно пасивно, резигнирано и длабоко разочарано милје. Таму каде што сите гледаат очај, ние гледаме шанса за напад. Ќе дадеме гол, ќе одиме повторно на европско првенство, во културолошка смисла. И ова не е изјава на верба или надеж, туку длабока и вистинска определба – вели Маргарита Арсова, долгогодишна раководителка на фестивалот.
Во текот на седумдневниот филмски фестивал, публиката имаше можност да ужива во повеќе од 50 филмски остварувања, со проекции под отворено небо во паркот зад МКЦ, но и во киното „Фросина“ и во Кинотеката на Македонија, како и во разни фестивалски случувања, кои на достоен и вистински начин го обележија 23-то издание на фестивалот.