Еден од најголемите рокенрол бендови во некогашна Југославија, легендарните „Бијело дугме“, во 2022 година добија своја македонска верзија, откако група наши музичари го започнаа проектот: „Бело копче – трибјут Бијело дугме“! Познатите музичари Стевче Грозданов – гитара и пејачот Зоран Рудан – Цеки, кој заедно со останатите членови Горан Гешовски (бас), Борислав Драганов (клавијатури) и Емил Милев (тапани), одлично функционираат заедно и постојано настапуваат не само низ Македонија, туку и надвор од неа.
Досега „верно на оригиналот“ и со музика и со изглед и со својот сценски настап го пресликуваа големиот бенд „Бијело дугме“, а од неодамна почнаа да создаваат и сопствена авторска музика. Нивна прва песна со видео запис е „Сувенир из Сарајева“ (Сувенир од Сараево), наслов кој не е случајно избран.
Песната го има звукот на прочуената „сараевска школа“ од средината на 1970-те и 1980-те, кога легендарниот босански рокененрол го создаваа групите: „Индекси“, „Тешка Индустрија“, „Црвена Јабука“, „Мерлин“, „Плави оркестар“… и секако ненадминиливите „Бијело дугме“. Токму со таков сензибилитет дише и првата песна на „Бело копче“.
Освен што е перфектно отсвирена, пејачот Цеки во изведбата ја вметнал целата експресија која ја поседува од влијанијата на големите вокали на „Дугме“, Бебек, Тифа или Ален, но вдахнал и своја емоција, што на песната и дава дополнителна свежина, која ја прави блиска и за новите генерации.
И не случајно песната е отпеана на српскохрватски јазик, зашто „Бело копче“ планира како трибјут на „Бијело Дугме“, но и со авторски песни, да се обиде да ги освои просторите на бивша Југославија, па и пошироко, иако веќе се доста застапени на рок фестивали и други музички настани во регионот.
Музиката е на хит мејкерот Саша Драгиќ, текстот го напиша Владимир Митровиќ, а аранжманот го направи Стевче Грозданов, кој ја програмираше и отсвире песната, која е снимена во студиото „Целофан“ во Скопје, додека миксот и мастерингот ги направи Горан Гешовски.
На „Сувенир из Сарајева“ се надоврзува видео записот, во кој покрај членовите на бендот се појавува и познатата македонска актерка Катерина Шехтанска, како фотографката на групата. Видеото, кое го потпишува македонски музичар и режисер на голем број успени спотови, Александар Ристовски Принц.