Изложбата „Тоше во срцето на Хрватска“, изложба на лични работи на Тоше Проески, музејски поставки од Спомен-куќата во Крушево, в недела, на 10 ноември, ќе биде отворена во Културно-информативниот центар на Македонија во Загреб, од 10 до 18 часот, проследена со програма од 19 часот. На официјалното отворање на изложбата ќе присуствуваат Мими Ѓорѓиоска Илиевски, директорка на КИЦ на Македонија во Загреб; Лефкија Гажоска, директорка на националната установа на Спомен-куќата во Крушево, и Мелаим Фетаи, амбасадор на Македонија во Хрватска.
Целта на овој проект е да се оствари соработка со КИЦ на Македонија во Загреб, на тема што е многу интересна за хрватската публика, а тоа е животот и музичката дејност на Тоше во Хрватска. Настанот ќе опфати музичка сценска презентација на најпопуларните дела на Тоше издадени од хрватската издавачка куќа „Хит рекордс“, презентација на облека поврзана со тој период и оживување на енергијата што Хрватска му ја даде на Тоше. Наедно, ова е претставување на млади музички професионалци пред хрватската публика, како и проширување на пријателството и културата на нашите народи.
– Најверните обожаватели на Тоше Проески од моментот на неговата несреќа до денес го посетуваат Крушево барем еднаш годишно, а сите овие години неговото отсуство нѐ поврзуваше на начин што само неговите обожаватели можат да го препознаат. Километри, временски, економски и други пречки не можеа да ги спречат овие луѓе, верните обожаватели на Тоше, да дојдат во Крушево, да ја посетат неговата спомен-куќа, неговото вечно почивалиште, неговиот манастир и да прошетаат по улиците по кои шеташе… Затоа мислиме дека сега е вистинското време да ги почестиме со нашето и неговото доаѓање во Загреб. Нашата цел е да им претставиме на обожавателите на Тоше дел од составот на нашиот музеј, неговата облека што ја носеше за време на снимањето на спотот „Ја сакам твојата насмевка“, концертните аутфити од Риека и Задар, како и неговите награди, но и признанијата што ги доби од хрватската публика и на овој начин да се оддолжиме и да го обележиме ова пријателство со хрватските обожаватели, кое сè уште трае – велат организаторите.
Настанот ќе биде збогатен со мини-концерт на македонските оперски и балетски солисти: Билјана Јосифов – сопран, Влатко Груески – тенор, Андреј Наунов – пијано, како и со видеопрезентација „Тоше во срцето на Хрватска“, чиј кустос е Надица Николовска.