По маестралната пролетна сезона од својата јубилејна година, којашто се одвива под мотото „Танец – 75 години македонски код“, националниот ансамбл е подготвен да настапи на неколку летни сцени во земјава – Охрид, Прилеп, Галичник и Крушево. По серијата исклучително успешни концерти во Гостивар, Македонска Каменица, Пехчево, Кавадарци и во Кичево, како и величествените концерти во Скопје – Велигденскиот концерт, концертот во чест на 100-годишнината од раѓањето на Ѓорѓи Димчевски, концертот на ДММ 2024 во чест на 80-годишнината на МРТ и Народниот оркестар, како и мултимедијалниот настан во соработка со Кинотека на Макаедонија.
Танец вечерва (3 јули), на сцената Долни Сарај во Охрид, во 20:30 часот, свечено ќе го отвори 63. Балкански фестивал на народни песни и игри, а два дена потоа, на 5 јули во 19 часот часот на летната сцена на НУ Завод и музеј – Прилеп, ќе има целовечерен концерт со изворен вокално-инструментален репертоар, по повод свеченото отворање на јубилејниот 50. Фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски – Долнени“.
И годинашната културно-сценската манифестација „Галичка свадба“ нема да да мине без „Танец“, каде ансамблот на 13 и 14 јули ексклузивно ќе ги изведе ората „Тешкото“, „Невестинско“ и „Манукот“, а на 2 август, како и досега, „Танец“ и оваа полусезона ќе ја заврши со традиционалните концертни настапи во Крушево и Пелинце, по повод големиот македонски празник Илинден.
На 25 јули, „Танец“, повторно традиционално, ќе има голем концерт спроти меѓународниот фолклорен фестивал „Илинденски денови“, каде ќе настапи целиот ансамбл со богата кореографска и вокално-инструментална програма. Местото на одржување на концертот, како и на секоја летна манифестација, е во зависност од временските услови.
Јубилејната концертна сезона на „Танец“ продолжува веќе во септември, со балканската турнеја на проектот „Фолклорно-класична симбиоза„ (грандиозниот заеднички концерт на „Танец“ со оркестарот и хорот на Националната опера и балет), по штоа ќе следува ноемврискиот гала концерт по повод централно одбележување на 75-годишнината на НУ „Танец“ и секако, традиционалниот новогодишен концерт кон крајот на декември. Во меѓувреме Танец нема да ги запостави и настапите низ татковината и ќе одржи уште неколку концерти во: Велес, Струмица и во Свети Николе.