Горан Трифуновски-Пајак со Лазар Бараков

Познати личности опеани во македонски песни

Песните обично се пишуваат за љубовта или за други силни чувства, но некои од нив, иако поретко, им се посветени на урбани ликови што им го привлекле вниманието на авторите, ги инспирирале, извршиле влијание на нивниот живот или едноставно ги привлекле со својата посебност. Во македонската забавна музика има такви примери. Еден од првите што се најде во песна е Михаил Бошковски, познат како диџеј Мице, долгогодишен водител на музичките емисии на Радио Скопје и првиот македонски диск џокеј. И токму поради овој факт, композиторот Димитар Масевски му ја посвети песната „Еј, еј, Мице диск џокеј“.


– Во 1971 година, тогашниот уредник на забавната редакција на ТВ Скопје, Димитар Масевски, ме ангажира заедно со Коле Ангеловски да ја водам младинската емисија „Диско ’71“. Тоа беше заеднички проект со сите ТВ-станици во тогашна Југославија. Секоја од нив имаше термин, секој осми понеделник, а ТВ Белград секој четврти понеделник. Белградската емисија се викаше „Максиметар“ и ја водеше Драган Николиќ. Нашата емисија беше замислена како забава во дискоклуб, со гости, тогаш популарни пејачи од цела Југославија. Коле беше главниот водител, а јас го водев музичкиот дел. За секоја од шесте емисии, Масевски компонираше по една нова песна, а за првата ја компонира „Еј, еј, Мице диск џокеј“, за која го напиша и текстот. Во другите пет емисии песната се емитуваше како одјавна шпица. Песната „Еј, еј, Мице диск џокеј“, во аранжман на Славе Димитров, ја пееја Зоран Милосављевиќ и Диме Поповски, со придружна вокална група. Емисијата се емитуваше на тогашната ЈРТ – ни откри Михаил Бошковски.
Во 1994 година големо внимание предизвика и песната „Мамо, мамо, Џаро ми е драг“, посветена на познатиот менаџер Велибор Џаровски-Џаро, а ја отпеа Сузана Спасовска. Во негов препознатлив стил, тој се шегува дека таа всушност требало да се вика: „Мамо, мамо, Киро ми е драг“, алузија на првиот македонски претседател Киро Глигоров. Песната била многу популарна и доста слушана.
Своја песна доби и познатиот кумановски тамбураш Драгомир Шојиќ, за кого Нино Величковски пее во песната „Свирете ми тамбури“, која на некој начин му го обележи животот и сѐ уште се слуша.

И штипскиот глумец Раде Рогожаров, познат по својата ведрина, си доби своја мелодија, која се вика „Еј, Раде“, која беше и уште е доста слушана, а за неа групата „Суперхикс“ сними и интересен спот. Пеце и Хикси снимија музичка нумера повторно за еден штипјанец, Мики Ли Трајчевски, според нив, единствениот суперхерој во Македонија. Тој за себе вели дека комуницира со вонземјаните, а во животот се раководи од идеологијата на Брус Ли.
Неодамна актерот и музичар Горан Трифуновски-Пајак со својата група „Пеперминт“ сними песна за Лазе Бараков, кого го знаеме од серијалот „Македонски народни приказни“, најдолговечниот проект на македонските телевизии.
– Лазар Бараков е легенда, посебен, несекојдневен, уникатен човек, кого отсекогаш сум го сметал за навистина поразличен од сѐ што сум имал можност да видам на ТВ-екраните. Ми беше не само чест туку и остварување на еден животен сон само да бидам на исто место со овој голем човек. Неговата харизма и уметничка душа ме пленија не само мене туку, верувам, и многу други фанови, кои го чувствуваат истиот респект кон Лазар Бараков како и јас. Еве, обидете се да ги замислите „Македонските народни приказни“ без него, едноставно не оди. Со него растевме, несебично понекогаш и со хумор на своја сметка ни ги прави работите поинтересни и тоа е сѐ резултат на неговата генијалност. Воопшто не ми е право што овде во оваа мала земја имаме многу големи суперхерои, а не знаеме да им оддадеме почит и да ги вреднуваме оние што навистина го заслужуваат тоа. Лазар е еден од нив, ненаметлив, близок, непосреден човек. Песната ,,Фан на Лазар Бараков“ е само минијатурно признание за неговата вредност како национално богатство – вели лидерот на групата „Пеперминт“, Горан Трифуновски-Пајак.

И познатиот македонски музичар Игор Атанасоски, познат како Гуру Харе, за песната „Пријател“ беше инспириран од еден специфичен човек.
– Песната „Пријател“, која се наоѓа на мојот албум „Овердоус од блуз“, е инспирирана од мојот пријател и блуз-гуру Иван Николов, или попознат како Иво-Блузмен. Го запознав во времето кога излегував по скопските кафулиња. Кај него ме привлече неговиот необичен изглед, а подоцна откако го запознав, сфатив дека е човек што бескомпромисно го живее блузот. Ме воведе во блуз-музиката и ме запозна со великаните на блузот. Шетајќи низ светот со некои од нив и лично се запознал. Човек што ѝ пркоси на малограѓанштината и сѐ уште активно го живее блузот, како диџеј во некои од скопските кафулиња, и продолжува да едуцира нови млади луѓе што ја сакаат музиката – вели Игор Атанасоски.