Новото истражување покажува дека многу е мала веројатноста да се развие живот на големите планети што немаат свои сателити. Поголемите планети генерално немаат придружник како што Земјата ја има Месечината, што е од витално значење за одржување на животот, тврдат научниците. Затоа, тие веруваат дека поверојатно е да откриеме форми на вонземски живот на помали планети што имаат придружник.
Нашата Месечина игра клучна улога во одржувањето на животот на Земјата, бидејќи контролирањето на плимата и осеката на океаните овозможува продолжување на животниот циклус на организмите на нашата планета. Исто така, Месечината ја стабилизира ротацијата на Земјата и придонесува за урамнотежена клима. И двата од овие фактори се клучни за опстанокот на животот на нашата планета.
Во една статија објавена во списанието „Нејчр“, тим истражувачи предводени од доцентката Мики Накаџима од Универзитетот во Рочестер, наведуваат дека големината и составот на планетите се клучни за разбирање како се формираат нивните сателити.
– Со разбирањето на формирањето на сателитите, го стеснуваме кругот на планети на кои ќе бараме живот сличен на Земјата – нагласува Накаџима.
Како планетите ги добиваат своите сателити
Според сегашната научна теорија, придружникот на Земјата е формиран пред околу четири и пол милијарди години кога дошло до судир помеѓу Протоземјата – Земјата во раните фази на развој – и небесно тело со големина на Марс. Последица на овој судир бил диск од отпад што орбитирал околу Земјата, од кој подоцна се формирала Месечината.
За да откријат дали другите планети би можеле да формираат сателити со слична големина, Накаџима и нејзините колеги направиле компјутерска симулација на судири со низа хипотетички карпести планети слични на Земјата и ледени планети со различна маса. Благодарение на овие симулации, тие заклучиле дека кога карпестите планети со маса што е шест пати поголема од масата на Земјата и ледените планети со иста големина како нашата се судираат, добиената енергија создава материјал, кој наскоро гравитацијата на поголемата планетата ќе го привлече назад кон нејзината површина.
Овие ограничувања наведени од Накаџима и нејзиниот тим се важни за астрономите што го истражуваат нашиот универзум. Истражувачите открија илјадници егзопланети и можни егзомесечини, но тие допрва треба дефинитивно да забележат месечина како орбитира околу некоја планета надвор од нашиот Сончев Систем. Ова истражување може да им помогне да ги бараат.
– Потрагата по егзопланети на кои постои живот обично се фокусира на планети поголеми од шест Земјини маси. Наместо тоа, предлагаме да се гледаат помали планети бидејќи тие се веројатно подобри кандидати да имаат придружник – вели Накаџима.