Сите руски граѓани добија право бесплатно да користат хектар земјиште на Арктикот. Програмата „Арктички хектар“ стапи во сила на 1 август 2021 година, но во првите шест месеци земјиште добија само жителите на арктичките региони на Русија, пренесува „Спутник“.
За шест месеци од почетокот на програмата на Арктикот, 4.300 лица испратиле барања, додека 2.100 од нив добиле земјиште на бесплатно користење. Земјата на Арктикот е поинаква. Има места каде што е можно да се организира еколошки туризам, на пример во Карелија и регионот Мурманск, како и развој на мали и средни бизниси – изјави министерот за развој на Далечниот Исток и Арктикот, Алексеј Чекунов.
Бесплатниот хектар може да се добие во шест арктички региони на Русија: регионите Архангелск и Мурманск, автономните окрузи Ненец и Јамало-Ненец и републиките Карелија и Коми. Повеќе од милион хектари во моментов се достапни за жителите на Русија, поголемиот дел од земјата, 700.000 хектари, се наоѓа во регионот Мурманск.
Од 1 февруари и Русите што живеат во странство можат да добијат хектар на Арктикот. Програмата „Арктички хектар“ е направена според проектот „Далечниот источен хектар“, а и двете се создадени по иницијатива на руската влада. На земјиштето може да се изгради куќа или да се започне каква било економска активност, вклучувајќи и создавање земјоделска фарма, обезбедување различни видови услуги, како и туризам.