Фото: Горан Анастасовски

Меката моќ потекнува од културните вредности. Џозеф Нај од Универзитетот „Харвард“ одамна објаснил за меката моќ, дека „најдобра пропаганда е да нема пропаганда“, додавајќи дека „за време на информатичката ера, кредибилитетот е најоскуден ресурс“. Меката моќ е способност да се влијае на чувствата и однесувањето на другите преку привлекување (несвесно и доброволно), „да се посакуваат резултатите што вие ги посакувате“. Холивудската демонстрација на „мека моќ“ има фантастично глобално влијание. Во тој контекст и на тоа конто ја ставаме изјавата на холивудската ѕвезда Глен Клоуз, која во пресрет на најгледаниот и најгламурозен планетарен настан ја издвои токму нашата Македонија како земја на која ѝ се воодушевува и што сака да ја види! А тоа е промоција со колосални димензии! Зарем ние дома може да сме толку слепи за она што го имаме пред очи и хазардерски си играме со својата татковина, губејќи ја како родна грутка, корен, културно наследство, идентитет…

Познатата холивудска актерка Глен Клоуз ја посочи нашата Македонија како дестинација што никако не ѝ излегува од мислите

Силно одекна веста дека славната холивудска актерка Глен Клоуз ја посочи Македонија како дестинација што би сакала да ја посети, во промотивно видео прикажано пред неодамнешната оскаровска церемонија, во кое на филмски уметници им се поставува прашањето кој филм ги инспирирал да посакаат да патуваат во некоја земја. Во 1.51-та минута од видеото, Клоуз го избира токму македонскиот филм, кој беше номиниран за „оскар“ за странски филм во 1994 година, единствен добитник од Македонија на „златен лав“ на Филмскиот фестивал во Венеција, кој „Њујорк тајмс“ во вброи меѓу најдобрите 1.000 филма на сите времиња.
Во пресрет на доделувањето на „оскарите“, на Јутјуб беше објавено краткото видео во кое повеќе филмски продуценти и актери зборуваат за тоа кој филм или филмска сцена ги инспирирале да патуваат, односно да посетат некоја земја. Има различни одговори и секој од нив споделува за тоа која земја сака да ја види.
– Постои филм што се вика „Пред дождот“ и е снимен во Македонија. Очигледно е многу стар и многу работи се случувале на таа почва. Никако да ми излезе од мислите – вели Клоуз во видеото.
„Пред дождот“ годинава одбележува 30 години откако излезе во 1994 година. Филмот од Македонија, која во тоа време беше млада непозната држава, потоа играше во над 50 земји и придонесе да се прочуе нејзиното име во светот. Тогаш филмското списание „Варајети“ на насловната пишуваше дека Грција протестирала што Американската филмска академија го користи уставното име на Македонија при доделувањето на „оскарите“ од 1995 г., кога беше номиниран „Пред дождот“, а во видеото, Глен Клоуз, исто така, на наше задоволство, го користи името Македонија без никаква додавка.

Трескавец, Штавица, Мариово, Маркови кули… како инспирација

Во својата филмска нарација, филмот „Пред дождот“ содржи три целини поврзани меѓу себе. Тие се насловени: „Зборови“, „Лица“ и „Слики“. Првиот, „Зборови“, се случува во древен машки манастир некаде во Македонија. Сцените од манастирот и природата наоколу се назаборавни, особено оние на ноќното небо над Македонија, кога под закрилата на ноќта, минувајќи покрај пијаната селска стража, Кирил и Замира ја напуштаат сигурноста на манастирските ѕидови…
Каменестиот планински предел, македонското село и планината, оставаат без здив. И додека вториот дел наречен „Лица“ се случува во еден сосема поинаков свет, во динамичниот, современ, урбан Лондон, третиот, „Слики“, повторно се враќа во Македонија, кога Александар се враќа дома, во родниот крај, барајќи засолниште во долго сонуваниот мир на својот роден крај. Претставени се пределите на родниот крај, разурнатите селски куќи, прекрасната и недопрена природа.
Дел од филмските сцени се снимени во Мариово, а дел во Охрид. Одличната кинематографија и фотографија го прават уште помагично целото филмско доживување. И самиот Манчевски вели дека во околината на Прилеп и Мариово секогаш наоѓал инспирација. Прилеп секогаш му бил база од која секогаш наоѓал инспирација: Трескавец, околината на Штавица, Мариово, околу Марковите кули…

Убавини што светот ги препознава, а ние не ги вреднуваме

Многумина од странците што ја посетиле Македонија или на некој начин дознале за неа, се прашуваат како е можно овие убавини да се толку малку познати. За жал, ние, освен што не водиме грижа за природните убавини на земјава, не успеваме ни доволно да ги презентираме пред светот. Уникатните пејзажи од македонските планини, живописните реки со клисури и кањони, глацијалните и тектонските езера, старите манастири, археолошките локалитети, водопадите, пештерите, националните паркови, старите заборавени села…, сето тоа останува забележано само во ретките филмски дела или во промотивни спотови работени пред петнаесетина години.
Така, на пример, благодарение исто така на филмот на Манчевски, „Прашина“, во кој дел од сцените се снимени на камениот мост во близината на селото Зовиќ во Мариово, тоа стана туристичка атракција редовно посетувана од странски и од домашни туристи. Колони туристи почнаа да се движат низ кривулестите живописни патишта кон Зовиќ, можеби најубавото село во битолскиот дел на најпознатата и најчиста област во Македонија. Тоа е една од најпосетуваните локации во Мариово, пред сѐ поради камениот или наречен филмски мост. Во близината на селото тече Градешка Река, на која се наоѓа една од најимпозантните градби на Балканот. Мостот е изграден во 1955 година, на местото на стариот дрвен мост, кој се преполовил кога некој селанец водел претоварена воловска кола.„Македонија вечна“ беше и насловот за серија од спотови за светската и туристичка промоција на Македонија, а првиот спот го режираше токму Манчевски. Убавините на Македонија тогаш се најдоа на Си-ен-ен и на ТВ-каналите во десетина земји. Претставени се различни македонски туристички атракции, како Преспанско Езеро, стариот град во Велес, манастирот „Свети Јован Бигорски“, Кокино, Стоби, Курбиново, Конопиште, главниот град Скопје и градот Охрид. Исто така се покажани и археолошките откритија што биле пронајдени во изминатите години, како и улогите на Александар Македонски и на Крали Марко. Оваа верзија беше пуштена на девет јазици, и тоа: македонски јазик, англиски јазик, руски јазик, италијански јазик, холандски јазик, германски јазик, француски јазик, шпански јазик и албански јазик. Премиерата на спотот беше на 24 декември 2008 година на Си-ен-ен.

Вториот од серијата спотови наречени „Македонија вечна“ претставува познати и привлечни туристички локации во Охрид, Скопје, Матка, Витачево, Галичник, „Јован Бигорски“, Струмица, Стоби. Спотот бил снимен на 35-милиметарска филмска лента, а била користена високопрофесионална техника што вклучувала три филмски камери, специјална камера на хеликоптер, најсовремена сценска техника и осветлување. Режисер на спотот е Игор Иванов-Изи, а сценарист е Игор Тошевски.
Третиот спот го режираше Ѓорче Ставревски, а четвртиот повторно беше дело на Милчо Манчевски. Спотот насловен „Македонски храмови“ го прикажува единството на природата и човекот во сакралните објекти на Македонија. Спотот е снимен на повеќе локации како Зрзе, Варош, Матка, Вељуса, Велес, „Мустафапашината џамија“ и во Градскиот трговски центар.
„Охрид – град на светлината“ беше насловен спотот на маркетинг-агенцијата „Њу момент“. Спотот се прикажа на телевизијата Си-ен-ен. Во шеесет секунди се претставени знаменитости на балканската лулка на културата, уметноста и религијата, цркви и манастири, добрата храна и бисерите, а сето тоа раскажано низ визуелна игра на светлината и сенките. Режисер и сценарист на спотот е Душан Дракалски. Спотот ги прикажува препознатливите локации на Охрид – Плаошник, селото Трпејца, „Св. Наум“, „Св. Перивлепта“, стариот град и куќата на Робевци.

Автор: Весна Дамчевска / Сања Јачевска