Во доцните 1970-ти години, метеорологот Џонатан Шанклин беше одговорен за надгледување на дигитализацијата на хартиените записи и пресметувањето на вредностите од спектрофотометрите „добсон“, копнени инструменти што ги мерат промените во атмосферскиот озон. Како што минуваа годините, Шанклин по две децении мерења забележал дека нивото на озонот почнало да опаѓа. На почетокот, никој не се сомневаше дека нешто се случува со деликатната обвивка околу Земјата, но до 1984 година, озонската обвивка над истражувачката станица Халеј Беј на Антарктикот изгуби една третина од својата дебелина во споредба со претходните децении. Шанклин и неговите колеги Џо Фарман и Брајан Гардинер ги објавија своите наоди, укажувајќи на поврзаноста со соединението наречено хлорофлуоројаглерод, кое се користи во аеросоли и средства за ладење. Нивното откритие за осиромашувањето на озонската обвивка над Антарктикот стана предмет на голем број студии со примеси на еколошка катастрофа, која му се заканува на човештвото.
Следуваа годините кога се криевме и се заштитувавме од сонце, сончање и директно изложување на некогашниот извор на здравје. Паника го зафати светот, пишува „Би-би-си“.
Ова е еден од најтешките еколошки проблеми со кои се соочило човештвото денес, но се чини, дека е апсолутно под радарот. Поминаа повеќе од 30 години од нејзиното откривање, што се случи со дупката во озонската обвивка?
Витален феномен
Озонот се наоѓа во стратосферата, а озонската обвивка формира невидлив заштитен штит над планетата, апсорбирајќи го штетното УВ-зрачење од Сонцето. Без тоа, вели науката, животот на Земјата не би бил возможен. Британското антарктичко истражување беше првото што ја измери концентрацијата на озонот над Антарктикот во 1950 година. Во 1974 година, беше објавен првиот труд што сугерира дека хлорофлуоројаглерод (ЦФЦ) може да го уништи озонот во стратосферата на Земјата. Иако наиде на голем број спорови, проекциите покажаа дека осиромашувањето на озонската обвивка ќе биде меѓу два и четири проценти. Употребата на ЦФЦ продолжи со несмалено темпо, тоа се користеше како течност за ладење во фрижидери и клима-уреди, во аеросолни спрејови, а „трошењето“ на озонската обвивка беше многу побрзо од очекуваното.
Во средината на 1980-тите, Сузан Соломон, истражувачка од американската Национална управа за океани и атмосфера, дозна дека озонската дупка се појавува на Антарктикот и дека сите податоци укажуваат дека тоа е комбинација на зголемен хлор од човечка употреба на хлорофлуоројаглерод и присуството на поларните стратосферски облаци.
Зошто повеќе не се зборува толку често за озонската дупка?
– Работите се подобрија и нема причина за толку силен аларм – вели Лаура Ревел, вонредна професорка по физика на животната средина на Универзитетот во Кентербери.
Се разбира, работите не се подобрија сами од себе, но сите влади низ светот без преседан беа согласни за решавањето на ова прашање.
На почетокот на 1977 година беше усвоен глобален акциски план што повикува на следење на озонот и сончевото зрачење, истражување за влијанието на осиромашувањето на озонот врз здравјето на луѓето, екосистемите и климата. По откривањето на озонската дупка, големите инвестиции беа пренасочени кон научни истражувања, распределба на економски ресурси и координирана меѓународна политичка акција. Сето тоа помогна да се свртат работите.
Единствениот договор што го имаат спроведено сите земји во светот
Во 1987 година, Монтреалскиот протокол за заштита на озонската обвивка беше усвоен со постепено укинување на хемикалиите што ја оштетуваат, а во текот на 1990-тите и раните 2000-ти години, производството и потрошувачката на ЦФЦ беа стопирани. До 2009 година, 98 отсто од хемикалиите договорени во договорот беа постепено отстранети.
Од неговото усвојување, Монтреалскиот протокол е потпишан од сите земји во светот и до денес тој е единствениот договор што е универзално ратификуван, а според некои процени, протоколот од Монтреал спречил до два милиона случаи на рак на кожата годишно. Исто така, научниците тврдат дека до 2050 година, Земјата би била невозможно место за живеење доколку не се реагира толку брзо и енергично на проблемот со озонската обвивка. Озонската дупка сè уште постои, а врз основа на научните процени, се очекува озонската обвивка да се врати на нивоата од пред 1980 година во средината на 21 век.
– Навистина е важно да се имаат на ум научените лекции од приказната за озонската дупка и да се биде постојано свесен за она што се случува во стратосферата – вели Ревел, бидејќи секогаш постои ризик да предизвикаме непредвидено оштетување на озонската обвивка.