Продажбата на половни луксузни часовници ќе го надмине пазарот на нови модели во рок од една деценија, бидејќи купувачите сѐ повеќе бараат ретки часовници, според швајцарската консултантска компанија за часовници „Лаксконсалт“.
Бидејќи побарувачката расте, потрошувачите што сакаат да ги купат најпопуларните модели од „Ролекс“, „Патек Филип“ и „Одемарс Пиге“ се фрустрирани од долгите листи на чекање поради ограниченото производство. Некои купувачи се свртеа кон пазарот на половни часовници, каде што продавачите и дилерите наплаќаат премија над малопродажните цени за претходно поседувани часовници од моделите со најголема побарувачка.
– „Ролекс“ сè уште е името што привлекува најголемо внимание кај инвеститорите, бидејќи моделите како „дејтона“, „скај двелер“, „деј-дејт“ и „ГМТ-мастер 2“ остануваат на врвот на нивните списоци на потреби – вели Ричард Смит, менаџер во „Бловерс џувелерс“.
На 1 јануари, „Ролекс“ официјално ги зголеми цените во просек за нешто над три проценти во целата линија на брендот во САД.
Популарниот челичен „ролекс космограф дејтона“ сега се продава по цена од 14.800 долари, што е скок од 250 долари. Сепак, вредноста на многу часовници се зголемува пред да се појават во продавниците, а купувачите се подготвени да платат повеќе од 28.000 долари за да носат претходнопоседуван „дејтона“.
– Вредноста на продажбата на половни часовници се зголеми за 20 отсто во 2022 година, додека на новите луксузни часовници се зголеми за 12 отсто, надминувајќи 63 милијарди долари – објави „Лаксконсалт“.
„Лаксконсалт“ очекува продажбата на пазарот за половни часовници да се зголеми само за три отсто во 2023 година и 10 отсто во 2024 година, пред да достигне просечна годишна стапка на раст од 12 отсто од 2025 до 2033 година. Тоа е во споредба со просечната стапка на раст од 4 отсто на продажбата на нови луксузни часовници.