Се очекува кралството да биде дом на 50 милиони луѓе до 2030 година, што е огромен скок од сегашните 34 милиони
Футуристичкиот саудиски мегаград Неом е замислен како два облакодера што се протегаат на 170 километри низ пустината. Тој град не би имал улици, туку летачки таксија и би ги почитувал сите еколошки норми. Двете паралелни долги структури однадвор би биле покриени со стакло што би ја рефлектирало светлината, а проектот е обид на принцот Мохамед бин Салман да ја разграни економијата на кралството.
Прво најавен во 2017 година, Неом од самиот почеток беше пречекан со скептицизам, а архитектите и економистите долго време се сомневаа во неговата остварливост. За време на презентацијата, пак, принцот Мохамед претстави уште поамбициозен проект, кој би функционирал без автомобили и за кој тој тврди дека ќе биде „ убедливо најдобар град за живот на планетата“.
Плановите за Неом многу се променија со текот на годините, поттикнувајќи ги стравувањата дека мегаградот никогаш нема да се оствари. Првично, проектот требаше да претставува регионална силициумска долина, биотехнолошки и дигитален центар на 26.500 квадратни километри. Иако властите претходно планираа во градот да има околу еден милион население, принцот Мохамед рече дека до 2030 година ќе има 1,2 милион, а до 2045 година девет милиони. Принцот Мохамед се надева дека проектот ќе биде отскочна штица за раст на населението низ кралството, претворајќи ја Саудиска Арабија во економска сила.