Роботот наречен СТАР изврши операции на животни со минимална човечка помош. Станува збор за паметен автономен робот, кој успешно изврши лапароскопска операција на четири свињи и успешно ги поврза двата краја на цревата. Ова е прва ваква успешна операција изведена од робот.
Истражувачите од универзитетот „Џонс Хопкинс“ велат дека роботот ја извршувал операцијата главно сам и дека овие тестови може да доведат до поширока употреба на роботот за операции на луѓе.
Роботот направил вкупно 86 шева, работел сам две третини од времето, додека понатаму му помагал човек со рачно водење на машината. Постхируршката проверка на конците покажала дека СТАР постигнал значително подобри резултати од луѓето што ја изведуваат истата процедура.
Оваа операција е чекор понапред од тестирањето во 2016 година, кога роботот извлече црево на животно од телото пред да биде сошиено, но овој пат роботот изврши шиење внатре во стомакот преку мал отвор. Овој тип операција е поголем предизвик бидејќи органите не се стационарни, туку се движат ритмички. Најмало движење на раката или неправилно шиење може да доведе до протекување и потенцијално катастрофални последици за пациентот.
Користениот софтвер му овозможува на СТАР да планира, приспособува и извршува хируршки план во реално време, исто како човечки хирург. Оваа способност е особено важна при операција на меко ткиво.
Тестирањето е првиот нов чекор кон автономните роботски операции на луѓе, а истражувачите планираат да го „научат“ роботот да изведува поголеми делови од операцијата, сѐ додека не може сам да ја изврши целата процедура, од почеток до крај. Тие веруваат дека за пет години ќе може да се направат првите тестови на луѓе.