Копија од првата генерација на паметниот телефон ајфон на компанијата „Епл“ беше продадена на аукција за 63.000 долари, што е околу 100 пати повеќе од првичната цена. Мобилниот телефон е продаден на аукција од страна на „ЛЦД аукции“, а се наоѓа во кутија што никогаш не била отворена. Кога се појави на пазарот, првиот ајфон чинеше 599 долари, имаше екран од 3,5 инчи и камера од 2 мегапиксели, како и 4 и 8 гигабајти внатрешна меморија. Можеше да се поврзе на интернет, а ајтјунс беше достапен за корисниците, но немаше продавница за апликации. Уредот користеше 2Г-мрежа.
Понудите почнаа да доаѓаат на почетокот на овој месец, првата беше 2.500 долари, а по уште 27 достигна 65.000 долари. Идентитетот на купувачот не е објавен, но се знае дека живее во САД.
Што се однесува до историјата на мобилниот телефон, тој ѝ припаѓал на козметичарката Карен Грин, која го добила на подарок, но никогаш не го отворила. Кога се појави приказната за уредот во 2019 година, тој беше проценет на 5.000 долари.
Ајфон на „Епл“ го промени животот на милијарди луѓе низ светот кога станува збор за комуникација, плаќање, водење бизнис, фотографирање и утринско будење, „уби“ голем број индустрии, како што се производството на МП3-плеери, телефони на преклопување и камери, додека им даде живот на многу други.
Првиот ајфон беше претставен од тогашниот шеф на „Епл“, Стив Џобс, на годишниот саем „Мекворлд“ во 2007 година.