Независниот театар „Златен елец“ од Скопје со четири претстави ја заокружува третата година независност и постоење. В сабота и в недела на репертоарот е претставата „Разнесени“, а дуодрамата „Грета“ ќе гостува во Македонска Каменица. На 27 февруари ќе биде одиграна во Кавадарци. Претставата „Кенди“ во режија на Тамара Стојаноска е на репертоарот на МКЦ, во вторник на 28 февруари. Додека во Јавна соба, како и секоја недела, на 26 февруари на репертоарот е детска претстава, „Тајната книга на дедо“.
– Независниот театар е отворен за да биде заеднички простор за потрага по резултатот на идејата што вреди да се реализира, пред сѐ од невработените уметници, актери, режисери, драматурзи и др. Освен оваа цел, ние сакаме да гостуваме со претставите секаде каде што има публика што сака да гледа театар, особено во оние места каде што и домовите на култура едвај работат поради финансиската ситуација што државата во последно време на помалите градови, како и речиси насекаде, лошо им ја приредува, или со други зборови, парите се малку за проектите и целите на установите – велат од театарот.
Надица Петрова и Бобан Алексоски се актерите што во 2020 година го основаа ова независно уметничко здружение, кое живее со многу љубов за проектите, зашто финансиската поддршка е сѐ помала или речиси ја нема.
– Задоволството на секој остварен проект, реализиран настан и најубавото – освоената публика се оние работи за кои вреди да се изоди и тежок пат.
Продолжуваме со исто темпо, а на државата и министерството сакаме да им порачаме да не забораваат дека бројката на невработени театарџии постојано расте, лани беа ветени многу работи, кои годинава сосема обратно се практикуваат. Иднината е во младите, во оваа неуморна сила што три години ја покажуваме независно и сосема задоволно заедно со сите уметници што досега работеле на проектите – велат од здружението.