На плажите често може да се забележат луѓе како со себе носат пластични ќесиња. Одморот покрај море често носи непријатна дилема: што да се прави со мобилниот телефон, паричникот, клучевите и другите вредни предмети, кога сите во исто време сакаат да се капат. Токму поради овој проблем изминативе денови на социјалните мрежи се прошири видео што предизвика голем број реакции и дискусии.
Во видеото, кое стана вирално на Тикток, една девојка го покажа необичното решение на своето момче. Бидејќи не сакал да ги остави вредните предмети без надзор на плажата, тој ги спакувал во најлонско ќесе и ги однел со себе во вода.
Како што пишува британскиот портал „Сан“, младиот човек го закачил ќесето со лични работи на помал душек на надувување додека тој и девојката се капеле. На тој начин тие цело време внимавале на своите работи, без да бараат странци да внимаваат на нив. Клипот брзо стана хит и собра повеќе од милион лајкови.
Идејата на многумина им изгледаше забавна, а многу корисници признаа дека тоа е реален проблем. Секој што барем еднаш бил сам на плажа или во група во која сите сакале да се капат во исто време, знае колку е стресно да се остават личните предмети без надзор. Под видеото брзо се разви дискусија за различни начини за заштита на личните работи додека се капете. А меѓу коментарите особено внимание привлече советот што корисниците ги нарекоа „балкански метод“. Според овој метод, вредните предмети се ставаат во ќесе, се копа мала дупка во песокот, ќесето се крие во неа, а потоа сè се покрива со крпа. Така, предметите би требало да бидат помалку забележливи за потенцијалните крадци.































