Прекумерната употреба на антибиотици опасно ја поткопува нивната ефикасност и ја зголемува отпорноста што може да биде одговорна за 10 милиони смртни случаи годишно во светот до 2050 година, предупреди неодамна европскиот разгранок на Светската здравствена организација (СЗО).
Развојот и ширењето на супербактериите се забрзани со злоупотреба на антимикробни лекови, што го отежнува ефикасното лекување на инфекциите, се наведува во соопштението на СЗО Европа, која вклучува 53 земји и се протега до Централна Азија.
– Сите земји во нашиот регион имаат регулативи што штитат од злоупотреба на антибиотици… Спроведувањето на тие регулативи би ги решило повеќето проблеми со злоупотребата на антибиотици – рече Роб Батлер, раководител на одделот за заразни болести.
Организацијата на ОН проценува дека без итна интервенција, отпорноста на антибиотици може да предизвика до 10 милиони смртни случаи годишно до 2050 година. Истражувањето спроведено во 14 земји од регионот, лоцирани во Источна Европа и во Централна Азија, покажува дека причините наведени како оправдување за земање антибиотици во 24 отсто од случаите се настинка проследена со симптоми на грип (16 отсто), болки во грлото (21 отсто) и кашлица (18 проценти).
– Оваа ситуација е загрижувачка бидејќи овие симптоми често се предизвикани од вируси против кои антибиотиците не дејствуваат – се наведува во соопштението.
Главен извор на загриженост за здравствените власти се рецептите.
Според извештајот, третина од луѓето во Македонија, БиХ, Црна Гора, Албанија, Турција, Ерменија, Азербејџан, Белорусија, Грузија, Казахстан, Киргистан, Молдавија, Таџикистан и Узбекистан земаат антибиотици без лекарски рецепт. Во некои земји повеќе од 40 проценти од антибиотиците се добиени без лекарско мислење, што е пет пати поголемо од просекот на ЕУ од студијата од 2022 година. За СЗО влошувањето на економската нееднаквост е уште една опасност бидејќи најмалку образованите и луѓето со најниски примања се оние со најлоши практики.
– Последново јасно ја покажува потребата за образование и издигање на свеста – истакна Батлер.
Тој посочи дека еден од проблемите е и недовршувањето на антибиотската терапија за да се зачуваат за другпат или споделувањето на тие лекови со болните роднини или соседи.