Поради драстичното топење на мразот, овие арктички џинови се сè позагрозен вид
Оваа зима, мал број поларни мечки веројатно ќе се упатат кон руските села на Арктикот во потрага по храна, бидејќи ниските температури им дозволуваат на животните да ловат во нивното вообичаено живеалиште, велат активистите за права на животните.
– Во моментов ситуацијата е мирна. Оваа година навреме на морето се создаде слој мраз, а поларните мечки отидоа на север за да ловат фоки – изјави Дмитриј Рјабов од Светскиот фонд за природа.
Во минатото, луѓето во крајбрежните села на север беа вознемирени од глетката на поларни мечки што гладуваат и бараат храна во депониите и кантите за отпадоци. Околу 50 мечки залутаа во близината на архипелагот Нова Земја пред две години и беа таму со недели поради што властите прогласија вонредна состојба.
– Поларните мечки обично ја користат платформата од морски мраз за да ловат фоки. Бидејќи слојот мраз се формира сѐ подоцна, а се топи порано, поради климатските промени, животните одат во потрага по храна и на копно. Тие се принудени да останат подолго на брегот, а потоа неизбежно е да одат кај луѓето, од љубопитност и во потрага по храна, привлечени од мирисите – објасни Рјабов за „Дојче прес“.
Иако се нарекуваат бели, овие мечки не се бели, туку нивното крзно е проѕирно, ја рефлектира светлината, со што се добива впечаток дека е бело, додека под густото крзно има црна кожа што ја впива топлината. Својот плен го чувствуваат на оддалеченост од еден километар, а најчесто ловат фоки. Иако се многу тешки, некои од нив тежат и повеќе од 400 килограми, тие се способни да трчаат многу брзо – дури 40 километри на час.
Патем, опстанокот на овие џинови од северот и најголеми предатори на Арктикот е сѐ повеќе загрозен поради исчезнувањето на нивното живеалиште, топењето на мразот што се јавува како резултат на глобалното затоплување и човечкото запоставување на планетата. Новите истражувања покажуваат дека Арктикот се загрева трипати побрзо од планетата како целина, годишните температури на него сега се 3,5 степени Целзиусови над прединдустриските нивоа, додека Земјата генерално се загреа за 1,2 степен.
Топењето на мразот во 2021 година беше најголемо во историјата откако беа направени мерењата, загрозувајќи го живиот свет во ледениот простор, но и човештвото: топењето на мразот доведува до зголемување на нивото на морињата и океаните, загрозувајќи стотици илјади луѓе што живеат во близината на брегот.
Експертите предупредуваат дека до 2100 година, Арктикот би можел да изгуби дури 89 отсто од вечниот мраз. За да се спречи уништувањето на планетата, на неодамнешниот меѓународен состанок за климатските промени во Глазгов, лидерите на многу земји усвоија нови насоки што треба да го намалат нивото на штетни гасови што се испуштаат во атмосферата, да ги уништат шумите и други мерки за зачувување на климата.