Зоран Крстевски, астролог, писател и филозоф

За тоа што од астролошки аспект ќе ни донесе наредниот период и какви се шансите за надминување на актуелните состојби на глобално ниво, познатиот астролог, писател и филозоф Зоран Крстевски вели дека фактот што Јупитер навлезе во знакот на риби, а Сатурн останува во знакот на водолија, можно е некои работи да тргнат на подобро, а други да продолжат да се движат кон негативна насока.

Што беше карактеристично за годината што е зад нас?
– Тоа беше аспектот што на 24 декември се случи помеѓу планетата на старото и ограничувачкото, Сатурн, и планетата на новото и револуционерното, Уран, кој владее со знакот на водолија. Судирот на овие две спротивставени космички сили може да предизвика коренити промени на глобален план, кои, се надеваме, дека на крајот ќе излезат на добро. Сепак, првично нештата нема да бидат најидеални, туку исполнети со многу борби, искушенија и проблеми. Клучно е да согледаме до кој степен ќе оди пандемијата во прогресија, или, пак, ќе предизвика уште поголема криза, штета, напнатост и неизвесност поврзана со глобалните финансиски текови.

Дали тоа значи дека сѐ уште сме далеку од надминување на пандемијата и другите проблеми, како енергетска криза, економска рецесија, духовен пад?
– Да, тоа значи дека нè очекуваат бурни периоди и состојби на живеење исполнети со страв, стрес и неизвесност. Сатурн во водолија влијае врз перспективата на планетата Земја, ги определува иднината и сето она што на некој начин ќе ја утврди судбината на човештвото. Водолијата е директно поврзана со глобалната тематика, со универзалните аспекти на постоењето и со хуманоста. Од позитивна гледна точка, Плутон владее со регенерацијата, трансформацијата и со будењето на човековите потенцијали. Тогаш кога сме отпишани на здравствен план, плутоновата енергија може да нè спаси од тешка болест, да нè избави од опасни искушенија и да нè однесе кон повисоката димензија на постоењето. Астролошки гледано, негативниот аспект помеѓу Сатурн и Плутон предизвика човештвото да се соочи со голема тегобност, со невидлива агресија и злокобност на коронавирусот и последиците од таа пандемија сè уште ги трпиме.

Јупитер е планета на среќата, колку нејзиното присуство може да помогне да се надминат глобалните проблеми?
– Планетата на среќата Јупитер (владее со стрелец), исто така во 2021 година транзитираше во знакот на водолија. Тоа даде некоја противтежа нештата да не одат кон катастрофална насока, но дефинитивно Сатурн си ги бере плодовите врз основа на законот на кармата, односно причината и последицата. Мнозинството од луѓето не ги претпочитаа начелата на етиката, моралот, позитивните вредности, ниту се насочија кон заштита на екосистемот, кон зачувување на духовните вредности, туку се ориентираa кон материјализмот, себичноста, површноста, ниските страсти и кон изопачување на семејните и какви било вредности. И последиците се појавија во името на коронавирусот, кој својата сила ја црпи од човековата (колективна) слабост.

Јупитер на 29 декември навлезе во соѕвездието на риби, што ќе донесе тоа?
– Се отвора идеална шанса конечно духовно да се разбудиме. Тоа може да биде зачеток на будење на колективната свест за највредното (здравјето, внатрешниот мир, семејството) или можеби осознавање на некои нешта што мора да ги издржиме, кои мора да ги претрпиме, со цел да научиме похумано и поодговорно да живееме. Рибата значи спиритуално и интуитивно проникнување во вредностите на животот. Под нејзин домен е максимата: „Како зрачиш така привлекуваш“. Тоа подразбира осознавање на сопствените вредности, создавање позитивни вибрации и низ верба и молитва налепување на фреквенцијата што свесно (или несвесно) ја повикуваме.

Колку влегувањето во ерата на водолијата ќе ги смени нештата на подобро?
– Со влегувањето во ерата на водолија почнаа да се ревидираат многу сфаќања во однос на семејните вредности, меѓуполовите бракови, од друга страна информатичката технологија, дигитализацијата, роботиката и исклучивата ориентираност кон профитот го зедоа приматот врз хуманоста, одговорноста и чувството за општо добро. Рибите владеат со сè што е скриено и невидливо, но и со болниците, изолацијата, психичките проблеми, стравот, траумите итн. Моментално планетата на среќата Јупитер е во риби до 10 мај и на површина треба да ги изнесе позитивните аспекти, како молитва, манастир, верба во бога, инспирација, хуманост, сочувство, грижа, креативност, уметност…

Што ќе придонесе Јупитер во риби во позитивна насока за сите зодијачки знаци?
– Рибите ќе имаат ангел чувар што ќе им помага и ќе ги штити од негативни влијанија, кај овенот има аспект за скриена среќа, нешто што долго го очекувале, фокусирање кон нова енергија, биковите ќе се фокусираат кон давање нова смисла во животот, поврзаност со пријатели, ослободување од стеги. Близнаците ќе имаат напредок во кариерата, шанси за развој, учење, можности за успех на професионален план, а за ракот ова е одлична година, со патувања во странство, учење, нова животна филозофија и почитување на семејните вредности. Лавовите е можно да добијат наследство, да ги подобрат финансиите, будење на нови потенцијали, но и да бидат заштитени од опасности. Девиците може да стапат во брак, да склучат партнерство, соработка, нова љубов. Терезиите ќе бидат ориентирани кон работата, креативност, грижа за здравјето, снаоѓање во критични ситуации, а за скорпиите ова е убава година за љубов, деца, среќа, напредок, но и за новороденче. На стрелците во фокусот им се семејството, подобрувања во домот, купување недвижност, надминување некои стеги. Јарецот ќе преземе иницијатива, ќе учи, ќе патува, ова е добра година за напредок. За водолиите претстои финансиско подобрување, поголема самодоверба, елиминирање пречки, а рибите ќе имаат шанси за постигнување важни резултати, нова љубов, здравје… Препорака за сите зодијачки знаци е во новата година да влезат со визуализирање на тоа што сакаат да им се случи, да го насочат умот кон позитивната енергетска фреквенција.

Какви се аспектите за Македонија?
– Уран во Македонија е во подзнак бик, под влијание на јарец по старо, а по ново сме под девица. Бидејќи Уран влезе во полето на личноста, народот се соочи со многу промени, кои, да се надеваме, ќе донесат напредок и просперитет.