Британската полиција го пронајде луксузното „ферари“ што му било украдено на ветеранот на Формула 1, возачот Герхард Бергер, пред речиси 30 години. Црвеното „ферари Ф512М“ е едно од двата италијански спортски автомобила што биле украдени додека нивните возачи биле на трката за големата награда на Сан Марино што се одржа во Имола, Италија, во април 1995 година. Другиот автомобил бил во сопственост на соиграчот на Бергер, Жан Алеси.
Полицијата објасни дека случајот почнал да се расплетува кога полицајците добиле пријава од производителот на автомобили во јануари оваа година, откако компанијата извршила проверки на автомобил што минатата година бил купен од американски купувач преку британски брокер.
Единицата за организиран криминал со возила открила дека автомобилот бил испорачан во Јапонија набргу откако бил украден, додека не бил донесен во Велика Британија кон крајот на 2023 година, па тогаш е запленет и извозот е спречен.
– Украденото „ферари“ – вредно околу 350.000 фунти беше исчезнато повеќе од 28 години пред да го пронајдеме. Нашите прашања беа макотрпни и вклучуваа контакти со властите од целиот свет – изјавил Мајк Пилбим, кој ја водеше истрагата.
Вториот автомобил сѐ уште се води како исчезнат и засега нема осомничени, додаваат од полицијата. Инаку, единицата за организиран криминал на Скотланд Јард со возила, само минатата година пронашла 418 автомобили, вредни околу 31 милион фунти.