Фото: Пиксабеј

Луѓето со години се прашуваат за мистеријата наречена „проклетство на мумијата“. Но, едно неодамнешно истражување сугерира дека е можно ова проклетство да е резултат на смртоносна габа која демне во многу гробници, пишува „Интерестинг енџиниринг“.

Мумиите со векови ги фасцинирале луѓето. Старите Египќани верувале дека зачувувањето на телото по смртта ќе ѝ овозможи на душата да продолжи да живее во задгробниот живот. Сепак, иако мумиите се навистина импресивни, тие долго време се поврзуваат со едно мрачно и мистериозно проклетство.

Одамна се шпекулира за постоењето на некакво проклетство што го погодува секој што ќе го наруши последното почивалиште на некоја од древните мумии. Сепак, неодамнешниот извештај на порталот „Биг Тинк“ фрла сосема нова светлина врз ова ширум озлогласено „проклетство на мумијата“.

Според извештајот, всушност може да се работи за еден вид габа наречена асперквилус флавус (Aspergillus flavus). Оваа габа најчесто се наоѓа во многу гробници и може да зарази човечки бели дробови, предизвикувајќи сериозни здравствени проблеми, па дури и смрт.

Во 1973 година во Полска, 10 од 12 посетители на гробот на кралот Казимир Четврти умреле во текот на неколку месеци поради изложеност на габата. Оттогаш, експертите ги истражуваат потенцијалните опасности од присуството на оваа габа во гробниците и другите антички погребни места.

Неодамна експертите изразија загриженост заради потенцијалниот ризик од небезбедно изложување на габи за време на туристичките аранжмани за посета на мумифицирани остатоци. Годинава мумиите на Гуанахуато беа изложени во Мексико Сити, при што некои експерти се загрижени дека мумиите не биле соодветно запечатени и публиката што ги разгледувала не била доволно заштитена. Недоволно обезбедените изложби може да доведат до опасна дополнителна изложеност на габи и да создадат потенцијални здравствени ризици.

Клетвата на мумијата – вистина или лага?

Додека идејата за „проклетството на мумијата“ може да изгледа доста нереална, со мумиите и древните погребни места се поврзани и некои сосема реални опасности. Прво, многу гробници и други погребни места се дом на опасна мувла и бактерии кои можат да предизвикаат тешка болест или дури и смрт. Поради ова, истражувачите и експертите внимаваат кога ги проучуваат античките артефакти и остатоци. Друга опасност поврзана со мумиите и древните погребни места е ризикот од изложување на разни токсични материи. Многу древни култури користеле токсични материјали како олово и жива во обредите за погребување, а изложеноста на овие супстанции може да предизвика сериозни здравствени последици.

Некои истражувачи веруваат дека токму изложеноста на олово и други токсини можеби играла улога во падот на древната египетска цивилизација. И покрај потенцијалните опасности поврзани со мумиите и античките погребни места, сè уште може многу да се научи од овие артефакти и остатоци. Тие даваат вредни сознанија за историјата и културата на древните цивилизации и можат да ни помогнат подобро да го разбереме светот во кој живееме денес.

Подготви: Валбурга Батева Николоска