Македонската модна етикета се најде во интернет-статија на престижниот магазин „Форбс“ меѓу десетте најдобри брендови од Љубљанската модна недела
Неодамна македонскиот моден бренд „Лудус“ ја прикажа новата колекција за претстојната сезона есен-зима 2022/2023, во рамките на Љубљанската модна недела. По покана на организаторите, ова беше петто претставување на „Лудус“ пред словенечката публика и повторно предизвика одушевување и интерес кај клиентите, кој го покажаа на продажниот „шоурум“ што се одржа ден по ревијата. Освен тоа, македонската модна етикета се најде во интернет-статија на престижниот магазин „Форбс“ меѓу десетте најдобри брендови од Љубљанската модна недела.
Колекцијата прикажа 20 целосни изгледи и повеќе од 40 производи од различни категории. Меѓу популарните кошули со издолжени пропорции, по кои брендот ѝ е познат на словенечката публика, се најдоа и сакоа, мантили и јакни од 100 проценти природна волна, со деконструирани шал-крагни и куси плисирани панталони, искомбинирани во безродови стилови.
Беа претставени рачно боени производи од памук и рачно плетени хеланки од оваа суровина, како и чевли направени во соработка со локалниот чевлар.
Доследно на визијата почната со првата колекција од серијалот насловен „Постродовост“, шестото поглавје ја зајакнува темата на елиминирање на родовите улоги и ги преиспитува концептите на женственост и машкост во модната индустрија.
Брендот се залага за еколошко и етичко производство, па, така, материјалите се 100 отсто природни, едни се обоени со природни состојки, а други ги оживуваат локалните занаети и им даваат употреба во современото дизајнерско производство.