Фото: Пиксабеј

Еци е најпознатата мумија во светот и една од најпроучуваните. Еци умрел пред 5.300 години, а неговото тело е феноменално зачувано во мраз, заедно со тетоважите. Сега научниците го открија методот со кој биле создадени неговите фасцинантни тетоважи. За целите на експериментот, уметник за тетоважи се истетовирал за да ја реши мистеријата на тетоважите на ледениот човек Еци.
– Во оваа студија користевме компаративни историски податоци и резултатите од експерименталното тетовирање за да ги процениме можните методи и алатки за тетовирање во бакарната доба во Централна Европа – напишаа авторите.
Ледениот човек, или Еци, е пронајден на Алпите во септември 1991 година. Неговите останки ги пронашле планинарите случајно. Овој човек умрел во 3200 г. пр. н.е., за време на европската бакарна доба.
– Во текот на изминатите три децении, деталните научни истражувања произведоа извонреден број податоци за неговото здравје, исхрана, животна средина, облека, алатки, генетски профил и околностите околу неговата смрт – пишуваат тие во трудот.
Покрај извонредното знаење за овој човек, тој се прослави и со некои од најстарите зачувани тетоважи во светот. Нивниот број на неговото тело е 61. Всушност, станува збор за некакви траги направени со помош на црн пигмент, веројатно јаглен. Тие се наоѓаат на неговиот стомак, долниот дел на грбот, потколениците и левиот зглоб. Претходно прифатеното објаснување беше дека тетоважите на Еци настанале со сечење на кожата и потоа триење со саѓи на површината. Забележувајќи го недостигот од докази за поддршка на оваа хипотеза, археологот Арон Детер-Волф од Одделот за археологија во Тенеси се здружи со уметникот за тетоважи Дени Ридо, за да го анализира потеклото на тетоважите. За време на овие експерименти, Ридо постојано се тетовирал себеси користејќи осум различни алатки пред да ги спореди своите нови тетоважи со оние на кожата на Еци. За тетовирање користеле парчиња животинска коска, опсидијан, бакарна игла, заби од свиња и челични игли. Техниката се состоела од рачно удирање, ѕвечкање, сечење и субдермално тетовирање. Последното вклучува туркање парче коска низ кожата додека мастилото се става под кожата.
– Добиените податоци ни овозможуваат да заклучиме дека тетоважите на ледениот човек не биле засекувани, туку најверојатно биле направени со алатка за прободување – велат авторите.
Научниците истакнуваат дека не знаат многу за древната практика на тетовирање, бидејќи нема пишани извори, а тетоважите односно телата на починатите се зачувани само во посебни еколошки услови. Затоа и не можат со сигурност да кажат зошто Еци имал тетоважи. Отсекогаш се шпекулираше дека тие би можеле да бидат од медицински причини, како акупунктура. Истражувачите објаснија дека бакарните шила се меѓу најчесто идентификуваните артефакти од овој период, па затоа често се толкуваат само како алатки за обработка на кожа или ткаење. Но многу е можно да имале друга функција и Еци да бил истетовиран со помош на бакарни игли со прободување.